27.08.2012, 13:41 Активни осум пожари во Македонија
Активни пожари, според последните информации од Центарот за управување со кризи, денеска има во Скопско, Битолско, Кумановско, Велешко, Тетовско и Гостиварско.
Кај село Јаболце, на местото Горни Покојник во општина Сопиште гори мешана шума од даб и габер. Пожарот се шири во два правца кон Суво Поле и Караџица.
Пожарот во атарот на селото Добровени на некои места преминува и на територијата на Грција. Опожарени се околу 700 - 800 хектари, претежно сува трева и ниска деградирана шума.
Од вчера гори сува трева и дабова шума и кај селото Руница. Пожарот е проширен и кон месноста Стража.
Поради недостапниот терен, како што информира Центарот за управување со кризи, не може да се интервенира на пожарот кај „Бегово Поле“ меѓу Солунска Глава и Горно Јаболчиште.
Повторно е активиран и пожарот во атарот на селото Горно Јаболчиште во општина Чашка, кој претходно беше локализиран.
Пожар има и над селото Вратница во општина Јегуновце. Зафатена е букова шума на површина од околу 100 хектари на високо непристапен терен. Од страна на општина Јегуновце, побарано е интервенција на противпожарните авиони.
Активен пожар има и над село Врајновце, Гостиварско. Зафатена е сува трева, пасишта и поретка мешана шума. Се уште гори и во атарот на селото Црешнево.
Пожарот, пак, кој вчера избувна кај селото Белица, изутринава е ставен под контрола и нема опасност од негово проширување. Локализиран е пожарот и во атарот на селото Вражале во општина Зелениково.
|