26.08.2012, 15:45 Две девојки од „Пуси рајот“ избегаа од Русија
Двете девојки од панк групата „Пуси рајот“, кои ги бараше руската полиција, ја напуштиле земјата.
Денеска на „Твитер“ беше објавено дека двете активистки избегале од Русија и регрутираат странски феминистки во подготовка на нови протестни манифестации.
Во февруари пет девојки од панк групата изведоа перформанс во знак на протест во московската црква „Христос Спасител“, каде со маски на лицата ја изведоа песната „Богородице, Дево, однеси го Путин!“.
Судот во московскиот регион Хамовники на 17 август прогласи за виновни три девојки од панк групата „Пуси Рајот“ за хулиганство, мотивирано од верска омраза и непријателство.
Неколку дена подоцна московската полиција соопшти дека трага по останатите, што беше протолкувано како предупредување кон групата да запре со протести против Путин. |