27.08.2012, 13:21 Честитка од Груевски по повод Успение на Пресвета Богородица
Премиерот Никола Груевски им го честита големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица на сите верници од православна вероисповед и на Поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, г.г Стефан.
- „Ваше Блаженство, дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот, како и на сите православни верници во Македонија и во дијаспората, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник - Успение на Пресвета Богородица.
Денешниот ден посветен на мајката Божја е симбол длабоко вкоренет во нашата духовна традиција и обичаи. Нашиот народ со големо возљубение и почит, од секогаш ја имал Богородица како своја заштитница, молитвеница и закрилница на сите христијани. Овој голем ден е уште една прилика да ги потврдиме во себе начелата кои го водат нашиот живот и примерите на добро на кои не упати Светата Мајка Богородица. Да си споменеме за вредностите и нивното следење, за чистината на духот, за вербата и за надминувањето на искушенијата, за скромноста, за човечноста, за подготвеноста да споделиме и радост и тага со нашите ближни, да пружиме рака на секому на кому тоа му е потребно, за нашиот мотив да создаваме добри дела кои ќе бидат од корист за народот.
Присетувајќи се на нејзиниот пример, како и на големата љубов со која Мајката Божја го возљуби својот син, а преку Него и целиот човечки род, денес заедно се молиме за здравје, за напредок, за слога и соработка, за меѓусебна љубов и благодет во нашите семејства, на нашите ближни, на сите православни христијани и на сите граѓани на Република Македонија. Нека ни е честит и за многу години големиот христијански празник!“, се наведува во честитката на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски.
|