26.08.2012, 17:00 Покриени пред и зад камерите
Веќе еден месец Египќаните можат да ја гледаат телевизиска станица Мариа ТВ. Нејзината програма ја водат целосно покриени жени, кои разговараат за прашања поврзани co бракот, неверството, родителство и козметика
Само нејзините кафеави очи се провираат од покриеното лице. Ниту еден друг дел од нејзиното тело не може да се види. Абер Шахин е завиткана од глава до пети во црна исламска облека - абаја. На рацете носи ракавици. Секој ден Абер Шахин чита вести на Мариа ТВ, телевизиска станица за ултраконзервативните муслимани. Марија ТВ функционира еден месец, а нејзините главни двигатели носат никаб пред и зад камерата. За време на владеењето на Мубарак, тоа беше незамисливо. Абер Шахин гледа на Мариа ТВ како доказ за тоа дека револуцијата во Египет беше успешна: „Со Марија ТВ се бориме против дискриминацијата на целосно покриените жени.“
За време на владеењето на Мубарак речиси беше невозможно да се видат целосно покриени жени на телевизија. Тие не смеа да работат во државните институции или на универзитетите. Студентките исто така мораа да доаѓаат со откриено лице на испитите – на оние кои носеа никаб им беше забранет пристап до испитите. Одредени ресторани, барови и спортски клубови ни денес не смеат да примат покриени жени.
Советник за брачни проблеми и козметика
ТВ Марија сака кај жените со никаб да создаде самодоверба и да биде нивниот советник за живот по волјата на пророкот Мухамед. Се емитуваат по шест часа програма на ден - доволно време да се разговара за прашања како што се бракот, неверство, родителството, домаќинство и козметика. На мажите не им е дозволен пристап во програмата, па дури ни како телефонски јавувачи. Ако се поканети експерти во програмата, тие можат да се појават само co превез пред камера или нивните лица се „замаглени“ на екранот, бидејќи за вработените во Марија ТВ, никаб е една од верските должности.
„Постои само еден начин на кој муслиманските жени треба да се облекуваат.“, вели Шахин, „мора да носите никаб. Така пишува во исламскиот закон.“ Според неа само со никаб луѓето не можат да судат врз основа на нечиј изглед, туку за карактерот.
Сепак, поголемиот дел од муслиманите во Египет го отфрлаат никабот. Универзитетот Ал-Азхар, највисоката образовна институција во однос на религиските прашања поврзани со сунитскиот ислам, дури и го забрани носењето на никаб. На пример, во Куранот, никаб никаде не се споменува.
Бунтот на либералните Египќани
Марија ТВ привлекува ��амо мал дел од населението на Египет. Некои од нив се жалат дека програмата не е доволно конзервативна. Гласовите на жените може да ги возбудат мажите, тие треба да зборуваат по мажите, сугерира Шеих Ибрахим. Но, повеќето Египќани беа огорчени во почетокот на емитувањето на Марија ТВ, како и активиската за правата на жените Сали Зохнеј. Во меѓувреме, таа мисли поинаку: „Многумина критикуваа дека преку Марија ТВ се поттикнува носењето на никаб, но оние кои го носат всушност во медиумите треба да имаат свои претставници.“
ТВ Марија е именувана по името на робинка од Египет, која ја ослободил пророкот Мухамед, а подоцна се оженил за неа. Основачот Ахмед Абдалах, меѓу салафистите познат како татко ислам, премолчува од каде доаѓаат парите. Во 2006 година тој започна со емитување Уммах ТВ, но мубараковите сили редовно го посетуваа студиото, запленувајќи камери и компјутери, за на крајот да го уапсат Ахмед Абдалах.
Исламскичките сили во подем
Денес, Ахмед Абдалах повторно е слободен човек. Тој и другите конзер��ативни сили се повеќе се зголемуваат. На улица им се обраќаат на жените и од нив бараат да носат шамии, а на невенчаните двојки им забрануваат да се држат за раце. Неодамна еден млад човек беше убиен во Суец од страна на салафист, бидејќи вечерта бил со девојка во паркот - насамо. Во моментов исламистите во Парламентот расправаат за забрана на разводот за жени и намалување на возраста за брак од 18 на 12 години.
Сепак, влијанието на исламот врз општеството од година во година се зголемува. Сали Зохнеј верува дека во дејствувањето на исламистите се чувствува се поголема самодоверба.
„Културата на шамија и никабот денес се повеќе се практикува и гледам многу повеќе тинејџерки и студентки кои ги носат, отколку што тоа беше случај порано. Со изборот на муслимански претседател, тие се чувствуваат многу посигурни“, вели Зохнеј.
Сали Зохнеј и многу други либерали стравуваат поради толкавата нивна самодоверба. Марија ТВ е само, како што изгледа, еден невин дел. Сепак, Абер Шахин, водителката на вестите, е горда што е на телевизија, иако поголемиот дел од нејзиното тело е покриен.(Дојче веле) |