28.08.2012, 15:16 (ФОТО) Пожарот застана до Гевгелија
Пожарот што избувна на депонијата кај селото Негорци и се закануваше да зафати станбени објекти на периферијата на Гевгелија е ставен под контрола. Силниот ветар само за два часа ја донесе огнената стихија во непосредна близина на куќите во Сермелинското маало и затворот во Гевгелија.
„Пожарот дојде до првите куќи, но не зафати ниту една, само еден авто сервис. Целиот народ излезе на помош и со добра организација на противпожарните единици и со наше големо залагање не дозволивме да бидат зафатени куќите“, вели Благоја Каранфиловски.
Според првичните сознанија, од пожарот се зафатени и изгореа над 400 хектари нискостеблеста, борова и дабова шума, како и лозови насади. Од огнената стихија изгореа четири штали, дел од свињарникот на затворот, неколку помали шупи и една работилница, а целосно изгоре пчеларникот на семејството Беќарови со четириесетина пчелни семејства.
Во гаснењето на пожарот беа вклучени противпожарни единици од Гевгелија, Струмица, Валандово, Богданци и Дојран, како и авиони за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување.
Според првичните сознанија пожарот, кој избувна над депонијата во селото Негорци, е подметнат. (С.Т.)
|