30.08.2012, 13:26 Седумка од Лазаров за Замалек
Атлетико Мадрид славеше со 29:25 и во денешното полуфинале на „Суперглоуб“ ќе игра со Ал Сад
Кирил Лазаров со своите седум гола беше најефикасен во редовите на Атлетико Мадрид, кој со победата од 29:25 над Замалек од Египет го освои првото место во групата А и во денешното полуфинале на светското првенство за ракометни клубови „Суперглоуб“ во Катар ќе се сретне со домашниот Ал Сад. Најдобриот македонски ракометар помина на теренот 45 минути и оствари ефект 7/9, од кои 3/3 од седмерци, а забележа и две асистенции. Но, најдобар стрелец на натпреварот беше Ахмед Мустафа од африканскиот шампион со 11 погодока.
И на оваа средба европскиот вицепрвак имаше проблеми во првото полувреме, кое го загуби со 15:12, а, бодрени од своите навивачи од трибините, Египќаните во вториот дел имаа водство и од 18:12, навестувајќи сензација. Но, ланскиот финалист прво израмни на 21:21, а потоа ја комплетира својата серија од 13:3 за само 14 минути со водство од 25:21 во 47 мин. Замалек направи уште еден обид со намалувањето на 27:24, но Шпанците со два гола потоа ги отстранија сите дилеми околу победникот.
Во другиот дуел од групата А катарски Ел Џаиш го совлада Методиста Сао Бернардо од Бразил со 30:27 и заврши трет. Во групата Б, според очекувањата, првото место го освои бранителот на трофејот Кил, кој го совлада Мудхар од Саудиска Арабија со 42:31, а втор заврши Ал Сад со победата од 34:25 над Сиднеј јуниверзити.
Во денешното разигрување за пласман од петтото до седмото место прво ќе се сретнат Методиста и Мудхар, по нив ќе играат Ел Џаиш и Сиднеј јуниверзити, а во вечерната програма се полуфиналните дуели Ал Сад - Атлетико Мадрид и Кил - Замалек. (Р.Д.)
|