29.08.2012, 13:12 Лазаров со Атлетико во полуфиналето на „Суперглоуб“
Три гола на најдобриот македонски ракометар во победата од 34:27 над Сао Бернардо
Кирил Лазаров и Атлетико Мадрид го обезбедија пласманот во полуфиналето на 6. „Суперглоуб“ во Катар, без оглед на веќерашниот последен дуел во групата А против Ал Замалек од Египет, кој решава само за првото место. Како и на стартот на светското првенство за ракометни клубови против Ел Џаиш од Катар, европскиот вицешампион и против најдобриот тим од Јужна Америка, Методиста Сао Бернардо од Бразил, ја бараше својата игра во првото полувреме, кое заврши нерешено 16:16, за во вториот дел да дојде до уверлива победа од 34:27. Тренерот Талант Душебаев на овој меч реши да ги одмори Николај Маркусен, Јонас Калман и Хулен Агинагалде, а Лазаров помина во игра 24 минути, во кои постигна три гола, од кои два од седмерец, и подели три асистенции. Најефикасен во победничката екипа беше Полјакот Мариуш Јуркиевич со шест гола, а во поразената Карлош Алберто Кастилјо со пет.
Во другиот меч од групата Ал Замалек, бодрен од голема група свои навивачи на трибините во Доха, по голема го совлада катарскиот претставник Ел Џаиш со 27:24. Со оваа победа Египќаните повторно се најдоа во полуфиналето, каде што беа и минатата година, а домашниот тим што настапува со покана од организаторот ги загуби шансите за пласман меѓу најдобрите четири екипи.
Другиот катарски тим Ал Сад ги задржа шансите за тоа со победата од 34:31 над Мудхар од Саудиска Арабија. Во полуфиналето веќе е европскиот првак Кил, кој го „демолира“ Сиднеј јуниверзити со 40:13.
|