30.08.2012, 14:23 Спартак го преживеа пеколот во Истанбул
Московјани ремизираа 1:1 во реваншот со Фенербахче и се пласираа во групите од Лигата на шампионите
Русија доби уште еден претставник во групите од Лигата на шампионите, откако Спартак Москва синоќа одигра нерешено 1:1 во Истанбул и со вкупен резултат од 3:2 го исфрли Фенербахче. Гостите од Москва уште во 6. минута ги оладија навивачите на турскиот тим, кога Ари ефектно ја пренасочи топката во мрежата по прецизното додавање оддесно од Мекгиди. Да биде уште полошо за домашните, во 13. минута останаа и без Милош Красиќ, кој ја обнови повредата на задната ложа на левата нога, па мораше да биде заменет. „Фенер“ почна далеку поофанзивно во вториот дел, во кој дирекот му беше сојузник за да не заврши приказната порано, по што прво Топал ја погоди пречката со глава по добро изведениот корнер, а Соу во 69. минута, конечно, се најде на вистинското место. Одново корнер, одново одлично нафрлена топка, која откако беше упатена кон голот на Спартак стигна до Соу, а тој само минимално и' ја смени патеката на движење и го израмни резултатот. Сепак, до крајот немаше нов погодок, а тоа значеше место во групите од ЛШ за Спартак.
Динамо Киев за малку ќе направеше од готово-вересија против Борусија Менхенгладбах, и тоа пред своите навивачи. Тимот на македонскиот репрезентативец Горан Попов, кој повторно не беше во составот, имаше предност од 3:1 по првиот меч во Германија, но автоголот на Качериди во 70. минута и погодокот на Аранго седум минути подоцна и' дадоа крилја на Борусија. Нив ги пресече Идеје во 88. мин., по што гостите немаа сила за уште еден погодок, кој ќе им донесеше продолженија.
Лил премногу долго ја бараше својата шанса за да стигне до погодок на мечот против Копенхаген. Гостите повеќе размислуваа за тоа како да се одбранат отколку да нападнат и да создадат вистински проблем за Французите. За тоа се чекаше до финишот од првиот дел, бидејќи дури тогаш беше затресена мрежата на тимот од Данска. Акцијата која донесе гол одеше по десната страна, уфрлената топка во петерецот не ја изби одбраната на гостите, а Дин беше на вистинското место и успеа да ја смести во празниот гол, носејќи предност од 1:0 на одморот. Резултатот остана таков до крајот на натпреварот, а Де Мело во 105. мин. му донесе победа на Лил од 2:0 и пласман во групите од Лигата на шампионите.
КЛУЖ ГО ЕЛИМИНИРА БАЗЕЛ
Резултати од баражот за Лигата на шампионите: Селтик - Хелсингборг 2:0 (прв меч 2:0), Лил - Копенхаген 2:0 (0:1), Клуж - Базел 1:0 (2:1), Динамо Киев - Борусија Менхенгладбах 1:2 (3:1), Фенербахче - Спартак Москва 1:1 (1:2). Резултати ��д средата: Удинезе - Брага 4:5 на пенали (1:1), Андерлехт - АЕЛ 2:0 (1:2), Марибор - Динамо Загреб 0:1 (1:2), Хапоел Кирјат Шмона - БАТЕ Борисов 1:1 (0:2) и Панатинаикос - Малага 0:0 (0:2).
|