30.08.2012, 11:05 (ФОТО) Свечено отворање на 14. Параолимписки игри во Лондон
Параолимписките игри синоќа беа отворени во Лондон со спектакуларна свечена церемонија, посветена на британските достигнувања во разбирањето на Универзумот
Параолимписките Игри, кои ќе траат до 9 септември, синоќа беа отворени во Лондон со спектакуларна свечена церемонија, посветена на британските достигнувања во разбирањето на Универзумот, како и на многу честото врнежливо време, по што Велика Британија е позната во светот.
Теренот на главниот олимписки стадион, на кој се собраа 80 илјади гледачи, беше покриен со големи и живо обоени чадори, во една разиграна приредба во која учествуваа три илјади доброволци, меѓу кои многу глувонеми и инвалидизирани лица, потоа стотина деца и уште толку професионални артисти.
Во улогата на водител на церемонијата на отворањето се појави познатиот британски глумец Ијан Мекелен, а како толкувач на достигнувањата од времето на Исак Њутн и неговите епохални откритија до најновите истражувања во ЦЕРН, учествуваше угледниот британски физичар Стивен Хоукинг, кој е тешко парализиран и врзан за специјално направена инвалидска количка.
Годинешниве 14. Параолимписки игри ги отвори британската кралица Елизабета. Претседателот на Организацискиот комитет на лондонската летна Олимпијада и на Параолимписките Игри, лорд Коу, како и претседателот на Меѓународниот параолимпсики комитет (ИОЦ), Филип Кравен, ги поздравија спортистите и големиот број гости, меѓу кои влијателни и високи претставници на земјите учеснички, британскиот премиер Дејвид Камерон, како и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог.
На овие Игри учествуваат 4.200 спортисти од 164 земји од сите континенти, кои 11 денови ќе се натпреваруваат во 21 спортска дисциплина.
На лондонските Параолимпски игри учествува и Република Македоније со двајца спортисти: стрелачите Ванчо Каранфилов, кој е носител на сребрен медал од Игрите во Атина во 2004 година и Оливера Наковска-Бикова, европска шампионка и светска вицешампионка, уче��ник на Параолимпијадите во Атина и Пекинг. Во дефилето на спортистите, македонското знаме го носеше нивниот тренер Бранимир Јовановски.
Овие Игри не се дел од меѓународното олимписко движење и тие се сосема различна спортска манифестицаија, на која учествуваат инвалидизирани лица-спортисти, но целиот церемонијал на отворањето на Параолимпијадата се одвиваше според олимпискиот протокол.
Параолимпискиот факел во стадионот го донесе поранешниот британски маринец Џо Таунсенд, кој во Авганистан ги има загубено двете нозе, а огнот го запали најстариот британски параолимпиец 84-годишната Маргарет Мохан. Таа е носител на златен медал во стрелаштво од првата Параолимпијада одрззана во Рим во 1960 година.
Британските организатори тврдат дека Игрите се вратија во земјата каде се родени и од каде потекна идејата за параолимпизмот. Како „духовен татко“ на Игрите се смета британскиот неврохирург Лудвиг Гутман, кој пред 64 години за своите пациенти во болницата во која се опоравуваа тешко повредените воени ветарани од Втората светска војна, организираше спортски натпревари во инвалидски колички, како дел од нивната физичка и ментална рехабилитација. Овие „тераписки“ спортски натпревари се одржувале во време кога во Лондон во 1948 година траеше летната Олимпијада. Тие подоцна послужија како основа за покренување на параолимпиското движење.
|