31.08.2012, 14:41 Спој на необични колумни со уметнички фотографии
Од утре во весникот „Нова Македонија“ стартува проектот „99 збора и 1 фотографија“ со колумни на Венко Андоновски и фотографии на Љупчо Илиевски
Тина Иванова
Една фотографија и 99 збора е новиот проект на весникот „Нова Македонија“, кој подразбира серија од спој на нови, необични колумни на писателот Венко Андоновски и фотографии на уметникот Љупчо Илиевски. Ова уметничко здружување што е на некој начин новитет во македонскиот медиумски простор стартува утре, продолжува во секој саботен број на весникот и ќе трае околу една година. Колумните на Андоновски и фотографиите на Илиевски ќе излегуваат под заеднички наслов „99 збора и 1 фотографија“ и ќе бидат сместени на дневните страници на „Нова Македонија“. Од нив ќе се прават посебни сетови кои, пак, составени од оригиналната фотографија и текст во ракопис сместен до неа ќе бидат ставени на јавна продажба, ќе чинат 3.000 денари, а собраните средства ќе одат во хумантирани цели, за децата со посебни потреби.
Првиот сет на фотографии и текст од серијата нестандардни колумни кој излегува утре во „Нова Македонија“ е веќе откупен од весникот и, како што авторите ни го покажаа на денешната прес-конференција, се работи за фотографија од локалитетот Враница снимена во 2009 година и едно лично видување или толкување за неа преточено во текстот на Андоновски.
Главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Зоран Димитровски, истакна дека овој проект ќе покаже хуманитарен карактер на весникот, но и ќе воведе еден новитет во медиумскиот амбиент. „Се работи за спој на две навидум различни, но блиски уметности. Од Венко Андоновски, кој ми е колега долги години, го научив токму тоа стилско пишување. Тој е еден од ретките во Македонија кој дава огромен придонес во новинарството, збогатувајќи го она дневнополитичко секојдневје со литературен стил“.
Венко Андоновски, кој неодамна престана да се пројавува во медиумската јавност со своите класични колумни, рече дека овој проект за него е голем предизвик. „Престанав да пишувам класични колумни, бидејќи сметав дека се повторувам, ми требаше одмор. Но, оваа идеја, која ја предложи фотографот Љупчо Илиевски, ми се виде навистина интересна. Забележав, гледајќи ги неговите фотографии, дека во нашите животи има се' помалку простор за убавото. Тој дојде до идеја да направиме едно своевидно читање на фотографиите, нејзин превод низ зборови, иако не е тоа целта. Целта е самиот читател да си најде свое толкување на фотографијата. Сметам дека една ваква естет��ка и ментална вежба ни е потребна на сите. Фотографиите на Илиевски ги избирам и ќе бидат придружени со точно 99 збора. Ова е едно малку поинакво гледање што носи во себе естетска, но и провокативна желба да се размислува“, рече Андоновски, кој додаде и дека има намера да и' се врати на класичната колумна.
Фотографот Илиевски истакна дека е убаво да се изживее еден сон и да се дочека неговата реализација. „Овој сон трае повеќе од две години. Ме изненади перцепцијата на Венко за фотографијата. Тој не е професионален фотограф, но ја толкува фотографијата на сопствен начин што не сум го слушнал никаде. Затоа и му предложив да го направиме овој проект. Идејата, всушност, беше убавата фотографија да биде присутна подолг период. Ќе се обидеме да бидеме не само визуелно добри, туку и актуелни, зашто ќе ги поврзуваме фотографиите и со важни настани и личности“, рече Илиевски.
Продажбата на сетовите од колумна и фотографија, чија цена е фиксна, ќе се одвива преку телефонско јавување во Редакцијата на „Нова Македонија“, а купувачите ќе можат да го добијат сетот откако по една година сите дела од проектот ќе бидат претставени на изложба. |