30.08.2012, 13:33 Три македонски филма ќе се развиваат на „Браќа Манаки“
Во рамки на 4. „Сценаристичко катче“ избрани се пет проекти, меѓу кои се и Антонио Митриќески, Љупчо Тодоровски и Вардан Тозија
Проектите што ќе бидат дел од годинешното „Сценаристичко катче“, кое се одржува во рамки на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ (од 15 до 21 септември), со цел да ги промовира и обучи филмските автори, доаѓаат од три земји. Станува збор за пет проекти, избрани на годинешниот конкурс, и тоа три од Македонија и по еден од Велика Британија и од Романија.
„Сценаристичкото катче“ оваа година се одржува по четврти пат, а вклучува одржување на работилници наменети за помош и обука на филмските автори во поглед на подготовката на сценаријата, како и во поглед на продукциските аспекти на филмовите.
Меѓу македонските филмови кои ќе се развиваат на оваа програма, во рамките на претстојниот 33. „Браќа Манаки“, се: „Децата на зимското сонце“ на Антонио Митриќески, „Безимени“ на Вардан Тозија и „Мајсторот“ на Љупчо Тодоровски - Упа. Британскиот проект е „Викенд во Газа“ на Базил Калил, а романскиот „Пејзаж со камила и мечка“ на Дениса Попа.
Програмата на „Сценаристичкото катче“ предвидува одржување на интензивна дводневна работилница, на која авторите ќе ги развиваат своите сценарија со познатиот доктор за сценарија, Анита Форхам од Холандија. А, исто така, предвидени се и еднодневни сесии со еден од највлијателните дизајнери, Рик Вермулен и со Себастијан Делои, кој ќе се осврне на продукциските аспекти на проектите.
Во оваа програма се доделуваат две награди, првата во износ од 1.500 евра, а втората во висина од 1.000 евра. Проектот е поддржан од Холандската амбасада и од Македонскиот филмски фонд.
Како што известуваат од „Браќа Манаки“, досега во рамките на „Сценаристичкото катче биле развиени 9 проекти, од кои два се веќе реализирани. Станува збор за: „Жената што си ги избриша солзите“ на Теона Митевска и „Утре денот доаѓа“ на Минг Ли Чанг. А три проекти се во претпродукциска и постпродукциска фаза, „Соба за пијано“ на Игор Иванов Изи од Македонија, „Мајкл Џексон“ на Дарко Лунгулов од Бугарија и „Баиконур“ на Веит Хелмер од Германија. (С.У.)
|