29.08.2012, 12:21 Изложба на наградените дела од „Арт директорс клуб“ од Њујорк
Изложбата вклучува 70-ина принтови од наградените дела, меѓу кои годинава се најдоа и дизајните на „Тојота“, „Њујорк тајмс“, „Кока кола“
Во Куршумли ан, во периодот од 4 до 10 септември, ќе биде поставена 90-та по ред патувачка изложба на „Арт директорс клубот“ (АДЦ) од Њујорк, како и 9-та изложба на АДЦ „Јанг ганс“ на млади автори. Оваа изложба, која е гостинка на „Недела на дизајнот“ во Скопје, вклучува 70-ина принтови од наградените дела, меѓу кои во 238 категории оваа година се најдоа и дизајните на „Тојота“, „Њујорк тајмс“, „Кока кола“, „ФедЕкс“, „Мајкрософт“ и други важни корпорации.
Официјален претставник на АДЦ за Македонија е дизајнерката Јана Ацевска, која со поддршка на Американската стопанска комора во Македонија и Американската амбасада во Скопје, како и маркетинг агенциите „Публицис“, „МекКен“, „Овејшн“ и „Футура 2/2“, наедно и ја подготвува патувачката изложба на АДЦ.
Инаку, АДЦ е непрофитна членска институција со седиште во Њујорк, САД, која од 1920-та година до денес распишува светски конкурс за избор на креативни решенија кои ги идентификуваат и слават најдобрите дизјан решенија во тековната година. Бројот на категории кои се распишуваат е 238, меѓудругото и печатени и електронски медиуми, графички дизајн, амбалажа, фотографија и илустрација, и исто така студентски дела. Победниците се претставуваат на свечениот настан во април во Њујорк. Наградените, пак, потоа се дел од патувачката изложба, што се презентира во Северна Америка, Европа, Азија и Јужна Америка.
Заедно со изложбата на АДЦ, ќе биде проектирана и дигитална верзија на наградените дела од 9-тото издание на програмата АДЦ „Јанг ганс“, конкурс за млади автори до 30 години.
Годинашната, 90-та АДЦ патувачка изложба ги опфаќа наградените со злато, сребро и бронза, кои беа избрани од интернационалното жири помеѓу илјадници пристигнати пријави од целиот свет. Изложените дела во различни содржински и концептуални рамки се одзиваат на многу феномени од современиот урбан простор во широко географско подрачје.
За време на изложбата, на 8 септември во Куршумли-ан, како дел од програмата на „Недела на дизајнот“ предавање ќе одржи Едуард Чеховин, професор на Академијата за дизајн во Љубљана, а воедно и добитник на престижната награда на АДЦ. Едуард Чеховин дипломирал графичка комуникација и типографија на отсекот за графички дизајн на факултетот за применета уметност во Белград. Добитник е на повеќе од 50 престижни меѓ��народни награди.
Изложбениот материјал по завршувањето на изложбата ќе биде дониран на една од високо образовните институции за дизајн во Скопје. (Т.И.)
|