27.08.2012, 13:44 Заврши 51. издание на Струшките вечери на поезијата
Со врачување на Златниот венец и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“ синоќа заврши 51. издание на Струшките вечери на поезијата
На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата со врачување на Златниот венец на годинашниот лауреат јужноафриканецот Монгани Вали Сероте и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“ синоќа во Струга заврши 51. издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2012 година му беше доделена на македонскиот поет Милош Линдро за делото „Основите на небото“. Признанието „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му припаднана на Французинот Франсоа Зарие Мегло, додека наградата за најдобар македонски поет во дијаспората - „Иселеничка грамота“ ја понесе Ивица Челиковиќ од Гетеборг, Шведска.
Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг настапија и поети од разни страни на светот.
Учесниците на манифестацијата денеска и утре ќе имаат можност да прошетаат низ повеќе градови во државата, а со прогласување на Сероте за почесен член на Друштвото на писатели во Скопје, утре во Скопје ќе биде заокружено и ова фестивалско издание на СВП.
Сероте е 47-тиот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Првпат му е доделен во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво
На 51. издание на Струшките вечери на поезијата, кое почна во четвртокот, а ќе трае до 28 овој месец, учествуваат 60-тина странски и исто толку домашни поети. Освен од Македонија, учествуваат истакнати поети од Азербејџан, Франција, Индија, Куба, Ирак, Сирија, Мароко.. |