27.08.2012, 14:58 Богов: НБРМ останува доследна на политиката на стабилен курс на денарот
Народна банка останува доследна на политиката на стабилен курс на денарот кон еврото и одржувањето ниска инфлација на нивото на инфлацијата во евро зоната.
Ова го истакнува гувернерот на Народна банка на Република Македонија Димитар Богов во писмена изјава во која ги отфрла како несериозни шпекулациите пласирани за девалвација на денарот од некои, кои, според него не им мислат добро ниту на граѓаните, ниту да државата.
- Очигледно, некој сака да удри таму каде што сме најсилни, во макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот систем. НБРМ останува доследна на политиката на стабилен курс на денарот кон еврото и одржувањето ниска инфлација на нивото на инфлацијата во евро-зоната. Девизните резерви се на историски највисокото ниво од 2,1 милијарда евра, НБРМ во последните два месеца исклучиво го откупува вишокот девизи на девизниот пазар, а денарското штедење на граѓаните продолжува да расте и на крајот на јули достигна 48 отсто од вкупното штедење на граѓаните, вели во изјавата Богов.
Тој изразува верување дека граѓаните повторно ќе покажат трезвеност и рационалност како што покажаа многупати досега и ќе ги игнорираат шпекулациите пласирани од оние коишто сакаат да ловат во матно.
|