27.08.2012, 10:49 Нема „корекција“ на границите на Косово
Новата американска амбасадорка во Косово, Трејси Ен Џејкобсон, изјави дека статусот на Косово е решен и оти не постои никаква можност за „корекција на границите“.
Таа додала дека САД се целосно определени во корист на суверенитетот на Косово на целата негова територија.
- Она на што треба да се фокусираат Косово и Србија е дијалогот, кој ќе донесе нормализирање на односите меѓу двете земји, истакна Џејкобсон за српското Радио КИМ.
Според неа владите на Косово и на Србија треба да одлучат на кој начин ќе разговараат и какви компромиси ќе постигнат.
- Доколку соработуваат на транспарентен, отворен и продуктивен начин, тогаш може да има напредок, кој ќе биде во корист на двете држави и нивните европски аспирации, смета амбасадорката.
Претходно Џејкобсон за Радио Телевизија Косово изјави дека Србија треба да ја прифати реалноста на независно Косово и изрази задоволство што Приштина и Белград се подготвени сериозно да се ангажираат во дијалогот.
Коментирајќи околу завршувањето на надгледуваната независност на Косово, амбасадорката истакнала дека тоа е значајно и историско достигнување на Косово, кое треба да се прослави.
- Но, тоа истовремено претставува и поголема одговорност за косовската Влада, која треба да продолжи да ги развива своите институции за да обезбеди средина која ќе гарантира толеранција и мултиетничка демократија, изјави Џејкобсон. |