27.08.2012, 10:17 Пад на вредноста на акциите на „Самсунг“ по судската пресуда
По пресудата на американскиот суд за копирање на иновативна технологија на „Епл“, вредноста на акциите на јужнокорејската компанија „Самсунг Електроникс“ доживеа најголемо намалување во еден ден во последните четири години.
Вредноста на акциите на берзата во Сеул се намали за седум отсто, што е најголем забележан пад од октомври 2008 година.
Според пресудата, „Самсунг“ би морал да му плати отштета на „Епл“ во вредност од 1,05 милијарди долари, во еден од најголемите судски процеси за интелектуална сопственост во светот. Од „Самсунг“ веќе најавија дека ќе се жалат на пресудата.
Аналитичарите изјавија дека инвеститорите се загрижени поради тоа што веруваат дека пресудата ќе влијае на приходите.
Од „Епл“ веќе најавија во текот на судското сослушување на 20 септември дека ќе побараат забрана за продажба на производите на „Самсунг“ на американскиот пазар.
Една од најголемите грижи за јужнокорејската компанија е дали „Епл“ во забраната ќе го вклучи и „Галакси С3“, кој е најпродаваниот производ на „Самсунг“. Доколку тоа се случи, „Епл“ ќе има огромна предност на пазарот. |