27.08.2012, 13:15 Кои ќе бидат најбогати во 2050?
Можете ли да поверувате дека до 2050-та година Нигерија и Египет економски ќе ја престигнат Германија? А кои ли ќе бидат најбогатите држави тогаш?
Дали знаете која е најбогатата земја во светот во 2050-та? Одговорот е Сингапур. По 38 години Сингапурците ќе имаат годишен приход по глава на жител во висина од 137 илјади долари! Всушност на предните места на листата се редат само азиски земји. Според прогнозата на агенцијата „Најт Франк“ (Knight Frank), која го изработува годишниот извештај за распределбата на богатството во светот „Велт рипорт“ (Wealth Report), во 2050 година на следните три места по богатство ќе бидат Хонгконг, Тајван и Јужна Кореја - со средни годишни приходи соодветно 116 илјади, 114 илјади и 107 илјади долари по глава на жител.
Единствената од сегашните економски сили, која ќе учествува во големата игра и по 2050 година, се САД со проектиран приход од нешто над 100 илјади долари. Аналитичарите потсетуваат дека, сепак, тоа е само половина вистина. Да, Сингапур, Хонгконг и Тајван може да станат најбогатите држави, но каква ќе биде внатрешни распределба на богатството во нив? Токму поради неправедната внатрешна распределба во иднина таму се можни социјални немири, протести, тензии меѓу владата и бизнисот, сметаат аналитичарите.
Како е распределено светското богатство во моментов?
Според агенцијата „Најт Франк“, и денес Сингапур е на прво место со среден приход од 56 илјади долари по глава на жител. По него следат Норвешка, САД, Хонгконг и Швајцарија. Во друга слична листа - по Бруто домашен производ (БДП) – на чело повторно е Сингапур, при што Германија се наоѓа едвај на 20. место со 44 илјади евра. Во оваа статистика не се вклучени земји како Луксембург и Катар. Според пресметките на Меѓународниот монетарен фонд, токму тоа се двете најбогати земји во светот, кои се наоѓат пред Сингапур.
Центарот на тежината - барем што се однесува до богатството - денес постепено се поместува на Исток. Ако во 1980 година тој чисто географски се наоѓаше во средината на Атлантскиот Океан (односно - меѓу Европа и САД), во 2050 година веќе ќе биде некаде помеѓу Индија и Кина, прогнозира Дани Кјуа од авторитетната „Лондонска школа за економија“ (London School of Economics). „Велт рипорт“ исто така констатира дека богатството се движи кон Азија и Пацификот, a градовите-лидери на иднината се викаат Дубаи, Пекинг, Шангај. Во моментов, сепак лидер се` уште е Лондон, каде најскапите имоти достигнуваат астрономски цени од речиси 100 илјади евра за квадратен метар. Во комплексот „Оне Хајд Парк“ (One Hyde Park) во 2016 година квадратен метар станбена пов��шина ќе чини дури 125 илјади евра.
Европа безнадежно заостанува
Многу земји, особено азиски, во моментов се развиваат со молскавично темпо и во 2050-та година ќе ја престигнат Германија според БДП по глава на жител. Најверојатно нема да поверувате, но меѓу тие земји се дури и Нигерија и Египет – безразлика, што денес нивните економии се во лоша состојба, а германската цвета.
Според „Велт рипорт“ најбрзо растечките светски економии до 2050 година ќе бидат Нигерија, Индија, Ирак, Бангладеш, Виетнам, Филипини, Монголија, Индонезија и Шри Ланка. А прогнозите за развојот на европските економии воопшто не се розови. Истото важи и за Јапонија, а како еден од главните фактори за овие темни прогнози за развојот е демографскиот - и во Европа, и во Јапонија населението постојано старее. (Дојче веле)
|