27.08.2012, 14:50 СДСМ бара да се намали акцизата за горивата
СДСМ бара Владата итно да ја преполови акцизата за нафтените деривати до крајот на годината со што ќе ги поевтини бензините од 10 до 12 денари по литар.
- Поскапувањата продолжуваат, а цените на енергенсите веќе стануваат неподносливи за просечниот македонски граѓанин, кој со страв го чека секој понеделник и седниците на Регулаторната комисија за енергетика, рече Марјанчо Николов од СДСМ на денешната партиска прес-конференција, укажувајќи на најновото поскапување на бензините за 2,5, а на дизел горивата за 1,5 денари.
Тој посочи дека власта упорно одбива да го направи она што е во нејзина моќ и да ги намали акцизите за нафтените деривати, а со тоа да ја намали и цената на горивата.
- Секоја година, Владата прави проценка за тоа колку пари ќе се слеат во државната каса од продажбата на нафтени деривати. Годинава, овој износ постојано се зголемува поради поскапувањето на нафтата, што значи дека се собираат повеќе приходи по основ на ДДВ за нафтените деривати, отколку што се испланирани, рече Никиолов и потсети дека лани, непосредно пред изборите, Владата ги намали акцизите за горивата.
|