28.08.2012, 16:13 Канабисот е штетен за мозокот
Пушењето канабис за време на младоста штетно влијае врз мозокот, е заклучок на студијата на научници од Нов Зеланд, која ја објавува денешното издание на париски „Фигаро“
Студијата на научниците од Нов Зеланд за влијанието на канабисот врз капацитетите на мозокот е долгогодишна, a нив им беа потребни речиси 40 години за да ги изведат овие заклучоци. Тие одбраа 1.037 деца родени меѓу 1972 и 1973 година во градот Дунедин и ги тестираа избраните индивидуи на возраст од пет, седум, девет, 11, 13, 15, 18, 21, 26, 32 и 38 години.
Резултатите се загрижувачки, бидејќи ново-зеландските научници, подпомогнати од нивните колеги од Универзитетот ДЈУК од САД и Кралскиот Колеџ од Лондон, потврдуваат дека мозокот на младите е неотпорен на невротоксичноста на канабисот.
На 38 години, тие кои што започнале да пушат канабис на почетокот од младоста, загубиле неколку поени од нивниот коефициент на интелегенција. Па дури и до осум поени за оние деца кои се опфатени во студијата, а кои се покажале редовни потрошувачи на канабис во текот на годините. Што не е случај со лицата кои не пушеле канабис. Овој пат врската меѓу канабисот и намалувањето на капацитетот на мозокот е направена бидејќи истите лица се следени релиси 40 години.
За да ги отстранат сите други надворешни влијанија во студијата, научниците преку соодветни подпрашалници кои ги придружувале главните прашалници ги елиминирале сите други фактори кои можат да имаат влијание врз одговорите на испитаниците, како потрошувачката на канабис во неделата, која претходи на испитувањето, зависност од друга дрога или алкохол, колку време поминале на студии. И секогаш била потврдена значајната разлика меѓу оние кои пушеле канабис и другите, секогаш со предност за тие кои не употребувале марихуана.
Студијата заклучува дека лицата кои редовно земале канабис се тие кои на 38-годишна возраст имаат повеќе проблеми со меморијата и вниманието.
Пушењето канабис во раната младост, кога зреењето на мозокот се уште не е завршено, води кон поголемо губење на коефициентот на интелегенција во однос на оние кои започнале да пушат канабис возрасни.
На крајот научниците сметаат дека последиците од пушењето канабис се неповратни, односно прекинот на пушењето не ги враќа комплетно сите капацитети на мозокот, посебно не кај оние кои заочнале во најраната младост.
Влијанието на канабисот врз развојот на мозокот беше потврдено врз едно испитување направено врз лабараториски глувци. Пред 10 години професорот Џон Чурчвел и неговите колеги од Универзитетот во Јутам, благодарејќи на снимки со сканер, го утврдиле намалувањето на волуменот на предфронталниот кортекс кај младите потрошувачи на канабис, зона на мозокот која игра улога во планирањето, донесувањето одлуки и контрола на импулсивноста. Пушачите кои започнале на порана возраст биле повеќе изложени.
Од овие студии и посебно од последната станува јасно дека нема „слаби“ дроги и дека последиците од консумацијата на дрога се тешки, затоа е потребно да се стави акцент врз превенцијата и запознавањето на младите со опасноста од консумација на сите видови дрога.
Според француската обсерваторија за дрога и токсикоманија во Франција има 3,9 милиони потрошувачи на канабис од кои 1,2 милиони се редовни. Според европската студија секој трет осмооделенец и секоја петта осмооделенка веќе пробале марихуана, а на возраст од 15 години редовно земале канабис три отсто од децата. Почетоците со пушењето на канабисот започнуваат на околу 11 години
|