29.08.2012, 13:39 Собранието расправа за Законот за регистрирање готовински плаќања
Македонското Собрание на денешното продложение на 37. седница почна расправа за Предлог законот за изменување на Законот за регистрирање готовински плаќања, предложен од пратениците од опозициската СДСМ.
Целта на предложените измени, според образложението, е да се излезе во пресрет на даночни обврзници опфатени со законот во смисла на подобрување на бизнис климата и унапредување на казнената политика преку намалување и рангирање на прекршоците.
Се предлага наместо забрана за вршење на дејност во деловната просторија во траење од 30 дена на даночните обврзници најпрвин да им се изрече само опомена за констатираните неправилности, што би ги отстраниле во рок од 30 односно 15 дена. СДСМ бара и намалување на предвидените глоби, односно од 2.500 евра на 1.000 евра за правното лице, од 750 евра на 500 евра за одговорното лице во правното лице, а глобите за физичките лица да се намалат од 750 евра на 300 евра.
- Во ситуација кога светската и европската должничка криза е длабоко навлезена и во македонската економија и стопанството се соочува со неликвидност намалувањето на глобите би била добра мерка, рече Горан Сугарески од СДСМ.
Според него, иако пред изборите ветувала Владата не ја реализирала најавата за намалување на казните за стопанството.
Сопартиецот на Сугарески, Миле Андонов оцени дека за разлика од Македонија казнените фискални политики во останатите држави се пофлексибилни и не се толку ригорозни. Во изминатиот период, посочи, имаше десеткратно зголемување на приходите од глобите и казните, иако немаше зголемување на економската активност во толкав обем.
Тврдењата на Андонов ги отфрли Ѓорѓи Коџобашиев од ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека изнесува неточни информации и оти СДСМ сака да прибира поени со поднесување популистички закон.
Приходите во Буџетот по основ на казни изнесуваат 0,3 проценти, посочи Коџобашиев и нагласи дека како резултат на тоа што Владата ги намалила даноците Македонија сега е држава со најниски даноци во Европа.
|