29.08.2012, 12:25 И Белорусинот Баранков доби азил од Еквадор
Врховниот суд на Еквадор го отфрли барањето за екстрадирање на поранешниот белоруски иследник за финансиски криминал Александар Баранков.
Судијата од Врховниот суд, Карлос Рамирес, нареди Баранков, кој од јуни е во затвор, под итно да се ослободи.
Судијата во сила ја остави одлуката со која на Белорусинот му беше даден политички азил.
Случајот со Баранков го привлече вниманието на медиумите, откако Еквадор му даде политички азил на основачот на Викиликс Џулијан Асанж.
Триесетгодишниот Баранков тврди дека ако биде екстрадиран во својата татковина може да биде убиен. Според овој поранешен иследник, тој избегал од Белорусија откако открил случај на корупција на високо ниво, во кој биле замешани роднини на претседателот Александар Лукашенко.
Според истрагата во Минск, капетан Баранков и негови колеги, користејќи ја нивната положба, уценувале богати бизнисмени, собирале компромитирачки материјали и изнудувале пари.
Во белорускиот Комитет за државна безбедност изјавуваат дека историјата на Баранков е чисто криминална. |