27.08.2012, 14:48 Државно земјоделско земјиште за социјалните случаи
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за давање над 854 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на социјално необезбедени лица.
Со огласот се опфатени Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гостивар, Дебар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Кичево, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Велес, Штип, Гази Баба и Чаир.
Најголем дел од површините, речиси 291 хектар, е во Струмичко, 95 хектари се во Кратовско, 92 хектара се во Дебар и повеќе од 87 хектари се во Валандовско. Времетраењето на плодоуживањето за кое се издава земјоделското земјиште изнесува пет години.
Зависно од намената на земјоделското земјиште, дали површината е под систем за наводнување или не, земјиштето може да се додели на плодоуживање најмногу до четири хектари ако е во систем за наводнување, односно до осум хектари ако е надвор од систем за наводнување.
Покрај оваа помош, во согласност со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување 2012-2013 година усвоен од Владата, на корисникот на плодоуживањето за првата година месечно ќе му се исплаќа надоместок во висина на социјална парична помош што ја земал до тогаш, исплата на придонеси за пензиско-инвалидско осигурување и здравствено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци. Во втората година, на регистрираниот индивидуален земјоделец ќе продолжи да му се исплаќаат придонесите за пензиско-инвалидско осигурување и здравствено осигурување, а износот на надоместокот од средствата на социјалната парична помош што ја земал до тогаш ќе се намали за 50 отсто. Во третата година плодоуживателот нема да биде корисник на овие мерки. |