27.08.2012, 11:56 Израелски турист загина на Матка
Телото на починатиот Израелец (71 години) од Матка било извлечено со помош на полициски хеликоптер од бездна длабока цели 60 метри
Седумдесет и едно годишен израелски турист загинал паѓајќи од карпа, додека сам пешачел на Матка. По тридневната акција за пронаоѓање на Израелецот, вчера бил пронајден мртов.
Телото на починатиот Израелец од Матка било извлечено со помош на полициски хеликоптер од бездна длабока цели 60 метри. Од МВР соопштуваат дека се работи за 71 годишниот Израелец Сандел Гидеон, кој во Скопје отседнал во хотелот „Мрамор“ на 23 август. Телото на починатиот е предадено за обдукција.
Планинарот од Израел три дена бил пријавен како исчезнат.
Израелското Министерство за надворешни работи за весникот „The Times of Israel“ го потврди случајот. Оттаму велат дека со конзулатот во Хрватска и македонските власти се работи на враќање на телото на загинатиот во Израел.
|