28.08.2012, 15:10 Исчистена тетовската дива депонија
Последните количини смет денеска беа изнесени од тетовската дива депонија. На местото кај што се правеа купишта ѓубре, веќе се оформени патеки со чакал, а останатиот простор е покриен со земја. Наскоро се очекува засејување трева и украсни дрвца. „Ветувањето го исполнив. Дивата депонија е расчистена. Овде повеќе нема да се носи градскиот смет“, рече Сади Беџети, градоначалник на Тетово, на денешната средба со новинарите кај депонијата. Беџети рече дека сиот смет се носи во регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар.
Според локалните власти во Тетово, најголем проблем натаму ќе претставува каде и како граѓаните да го фрлаат сметот и како да се одвикнат некои несовесни граѓани кои со возила носат се' и сешто и го фрлаат кај доскорешната депонија. „Ќе поставиме луѓе и ќе го сопреме тоа безредие. Инаку, може да се случи овде повторно да се формира дива депонија“, додава Беџети.
Сметот што ќе се собира секојдневно од тетовските градски улици ќе се изнесува во регионалната депонија „Русино“. За таа намена, германската фирма „Хенкел“, која се вклучи во активностите за преработка на сметот, изнајми зграда кај поранешното Радио Тетово, од каде што сметот веднаш се носи со посебни транспортери. (Г.Е.)
|