29.08.2012, 15:53 Просечната нето плата исплатена во јуни 20.651 денар
Просечната исплатена нето плата во јуни изнесува 20.651 денар и е за 2,2 проценти помала од месечната нето плата во истиот период минатата година.
Намалувањето, како што денеска соопшти Државниот завод за статистика, се должи на намалувањето на платата во секторите Информации и комуникации за 33,3 проценти, Уметност, забава и рекреација за 9,9 проценти и Административни и помошни услужни дејности за 7,3 отсто.
Во однос на мај, намалување на просечната исплатена нето-плата по вработен е забележано во секторите Рударство и вадење на камен за 5,3 отсто, Градежништво за 4 отсто и Уметност, забава и рекреација за 2,6 отсто.
Просечната бруто-плата по вработен во јуни изнесува 30.323 денари и таа е исто така намалена во однос на истиот период минатата година. Намалување има во секторите Информации и комуникации за 32,2 проценти, Уметност, забава и рекреација за 9,7 проценти и Административни и помошни услужни дејности за 6,7 проценти.
Во јуни, 2,1 процент од вработените во државата не примиле плата.
|