30.08.2012, 12:21 Шахистите и покажаа заби на Унгарија
Минимален пораз од четвртиот носител на Олимпијадата, дамите ја декласираа Малта
Македонските шахисти имаат за што да жалат во второто коло на јубилејната 40. Олимпијада во Истанбул, во кое загубија со 2,5-1,5 од четвртиот носител Унгарија, а беа на прагот на сензација. Мечот почна со пораз на првата табла за 49. селекција меѓу 158 состави на стартната табела, откако не помина обидот на велемајсторот Владимир Георгиев (рејтинг 2566) во отворањето со бели фигури да го изненади 16. на листата на ФИДЕ, ВМ Петар Леко (2737). Преостанатите три партии завршија нерешено, иако првиот што склучи реми со Унгарците, интермајсторот Филип Панчевски (2461), имаше надмоќна позиција против ВМ Ференц Беркеш (2685) на третата табла. По него ни ВМ Трајко Недев (2494) не виде победнички потег на втората табла против најдобро рангираната шахистка во светот, ВМ Јудит Полгар (2698), за на крајот и ИМ Атанас Кизов (2418) да го подели поенот со ВМ Чаба Балог (2668).
Поразот што можеше да се избегне ја спушти машката репрезентација на Македонија на 52. место со два меч-бода и со 5,5 поени освоени по табли. Нова можност за искачување на табелата беше синоќешниот дуел со Ирак.
Затоа, пак, македонскиот женски тим, рангиран на 68. место меѓу 124 земји, ја прокнижи првата победа, декласирајќи ја Малта (113.) со 3,5-0,5. ЖИМ Габриела Коскоска (2094) на првата табла ремизира со црни фигури со ЖФМ Оана Каруана (1821), а на другите три славеа Моника Стојковска (1939) против Филипина Борг (1836), Драгана Николовска (1828) во дуелот со Уранчимег Псаила и Симона Лакинска (1655) над Џејми Фаруџа. Пред синоќешната средба со Австралија, македонските шахистки беа 82. со два меч-бода и со 3,5 поени по табли.
Бранителот на титулата Украина го совлада Катар со 3-1, но ВМ Василиј Иванчук (2769) на првата табла загуби од ВМ Мохамед ал Модијаки (2542).
Резултати од второто коло, мажи: Катар - Украина 1-3; САД - Литванија 3,5-0,5; Азербејџан - Ирска 3,5-0,5; Перу - Франција 0,5-3,5; Индија - Турција 2016 3-1; Куба - ИЦСЦ 3,5-0,5; Костарика - Полска 0-4; Грција - Русија 1-3; Кина - Италија 3,5-0,5; Англија - Бразил 2,5-1,5 итн.
Табела: Словачка, САД, Азербејџан, Франција, Куба, Украина, Ерменија и Индија по 4 (8) итн.
|