29.08.2012, 11:37 Ибраими и Тасевски без Лига на шампиони
Најдрамтично беше во Удине, каде што Брага славеше пласман во групната фаза по изведувањето пенали
Македонските фудбалски репрезентативци Агим Ибраими и Дарко Тасевски нема да играат во групната фаза од Лигата на шампионите, бидејќи нивните тимови се сопнаа на последната квалификациска пречка. Марибор на Ибраими загуби и во реваншот на свој терен против Динамо Загреб, овој пат со 1:0, откако во првата средба на „Максимир“ беше поразен со 2:1. Хапоел Кирјат Шмона на Тасевски, пак, дома одигра нерешено 1:1 со БАТЕ Борисов, а во првата средба во Белорусија загуби со 2:0. Ибраими беше стартер за словенечкиот првак и беше заменет во 70 минута, а Тасевски, кој новиот македонски селектор Чедомир Јаневски го врати во репрезентацијата за претстојните квалификации за Светското првенство 2014 во Бразил, ги одигра првите 63 минути против тимот што го елиминира Вардар и притоа доби жолт картон.
Динамо од Загреб вети напаѓачки фудбал и во Словенија, а тоа се потврди уште од стартот на средбата против Марибор. Мало невнимание на одбраната при нафрлената топка во 12 минута го чинеше пораз домашниот тим, бидејќи Тонел беше најснаодлив во мешаницата. Во финишот од првото полувреме можеше да се реши и комплетно прашањето за местото во групната фаза, а со тоа и да биде уништена и најмалата надеж за Марибор, но голот на Беќирај беше поништен поради офсајд.
Ленце во 67 минута ги разбуди надежите на Хапоел за подвиг против белорускиот шампион. Неизвесноста се развлече и во судиското надополнување, пред да згасне во четвртата минута, во кој Павлов ја потпиша елиминацијата на израелскиот тим.
Најдрамтично беше во Удине, каде што Брага славеше пласман во групната фаза по изведувањето пенали. Резултатот и по 120 минути игра остана 1:1, каков што беше и во првата средба во Португалија. Домаќинот поведе преку Армеро во 25 мин., а израмни Микаел во 72 мин. Пенал-серијата ја добија Португалците со 5:4.
Андерлехт се проби во групната фаза од ЛШ благодарение на Мбокани, кој постигна гол во 81 мин. од реваншот со АЕЛ, а Јаковенко во претпоследната минута само го потврди фактот дека Кипар ќе биде без тим во главниот дел од најсилното клупско натпреварување на стариот континент. АЕЛ во првиот меч победи со 2:1.
Малага го издржа возвратниот дуел со Панатинаикос без примен гол, па победата од 2:0 на домашен терен минатата седмица и' беше доволна за да ја продолжи европската одисеја.
|