29.08.2012, 11:43 Дебранец загина во сообраќајка во САД
Дваесетгодишниот Бенјамин Буџаку управувал „БМВ“ што се заби во амбулантно возило
Дваесетгодишно момче со потекло од Македонија загина во страотна сообраќајна несреќа што се случи во Стејтн Ајленд во САД. Тинејџерот управувал автомобил „БМВ“ што се забил во амбулантно возило. Притоа, загинал и еден од болничарите, кој бил меѓу првите што помогнале по нападот на кулите-близначки во Њујорк, поради што американските весници и' посветија големо внимание на вчерашната несреќа.
Судирот се случил околу 19 часот. Еден од очевидците, кој возел до амбулантното возило, вели дека по судирот, и неговиот автомобил се затресол. Едвај успеал да спаси жива глава.
„Возачот на ‘БМВ-то‘ изгуби контрола врз возилото. Ќе настрадав и јас, успеав да се спасам во последен момент, на мојот автомобил има само мали изгребаници“, раскажува очевидецот.
Други, пак, велат дека слушале силна експлозија.
„Најпрво се стрчав до амбулантното возило, потоа и до автомобилот. За возачите немаше спас“, тврди очевидец.
Несреќата беше кобна за 20-годишниот Бенјамин Буџаку, кој, според медиумите, е син на мигрант од Дебар и за 58-годишниот Дејвид Рестучио, кој го возел амбулантното возило. Тој се здобил со тешки повреди, на кои им подлегнал во болница. Повредени, но надвор од животна опасност Се вториот болничар, како и пациентот што го превезувале во Универзитетската болница на Стејтн Ајленд.
Медиумите во САД пишуваат дека Рестучио бил меѓу првите што помагал по теористичкиот напад на кулите-близначки во Њујорк во 2001 година.
„Голема загуба за сите. Беше голем човек, му се радуваше на животот, на своите два сина, внуците и на свршеницата“, велат неговите соседи.
Родителите и пријателите на Буџаку, кој бил единец, ги замолиле медиумите за приватност.
Од тамошната полиција соопштуваат дека ги чекаат токсиколошките извештаи и ги истражуваат причините за несреќата. (Г.А.)
|