29.08.2012, 15:32 Ѓоковиќ безмилосен против Лоренци
Бранителот на трофејот на Ју-Ес опен го заврши мечот за 73 минути, препуштајќи му на Италијанецот само два гема
Првото коло на еден грен-слем ретко е мерило за силата на големите фаворити, но невозможно е да се заобиколи Новак Ѓоковиќ и неговата масовна победа во првиот круг на УС опен. Актуелниот бранител на тронот го уништи Италијанецот Паоло Лоренци, дозволувајќи му само два гема во меч кој траеше 73 минути (6-1, 6-0, 6-1). Истрошениот 30-годишен Италијанец немаше одговор за Србинот кој по мечот откри дека бил силно инспириран од атмосферата на стадионот „Артур Еш“. Меѓутоа, Новак не се концентрираше многу на агонијата на противникот и беше задоволен од својата претстава.
„Ми се допаѓа мојот настап. Тешко е да искоментирам нешто од аспект на Лоренци. Ја анализирав мојата игра и сфатив дека беше одлична од почеток да крајот“, се пофали вториот светски рекет.
Од топ-10 носителите, немаа проблеми ниту (5) Жо-Вилфрид Цонга и (6) Томаш Бердих, но затоа веднаш заврши (10) Хуан Монако. Аргентинецот ја расипа најдобрата сезона во кариерата губејќи во пет сета од Гиљермо Гарсија-Лопез 3-6, 1-6, 6-4, 7-6, 7-6. Цонга, кој минатата недела загуби во финалето на Винстон-Салем, бргу се врати во колосек и со 6-3, 6-1, 7-6 го елиминира Карол Бек од Словачка. И Бердих успеа без загубен сет (7-5, 6-3, 6-3) да се справи со дебитантот што покажа многу на претходните два грен- слема, Давид Гофен од Белгија.
Американците продолжија со максимален ефект кога се во прашање нивните четири носители. По (23) Марди Фиш, сега и (20) Енди Родик и (27) Сем Квери го минаа првото коло. Квери мораше да се враќа откако го загуби првиот сет од Лу од Кинески Тајпеј (6-7, 6-4, 6-4, 7-5), но затоа Родик му одржа лекција на младиот сонародник, Рин Вилијамс. Шампионот од 2003 година го совлада 21-годишниот квалификант со 6-3, 6-4, 6-4, но призна дека тој е претставник на новата, напредна, ера во тенисот.
„Сервирав одлично, силно, имав сервиси од по 220 километри на час, но ова дете ги враќаше без проблем. Играва напреднала многу од времето кога јас победив“, призна Родик, кој запиша 20 аса на мечот. Многу медиуми веќе го прашаа дали второто коло е задоволително достигнување, со оглед на паузата од почетокот на сезоната и лошата форма, но Родик одби да се задоволи со што било, целејќи на победа на турнирот. „Не постои прифатлив резултат. Играте натпревар за да победите, прво, второ коло... и одите колку што можете подалеку“, изјави 29-годишниот Американец.
Резултати од првото коло, мажи: Ѓоковиќ (2., Србија) - Лоренци 6-1, 6-0, 6-1; Цонга (5., Франција) - К. Бек (Словачка) 6-3, 6-1, 7-6; Бердих (6., Чешка) - ��офен (Белгија) 7-5, 6-3, 6-3, Гарсија-Лопез (Шпанија) - Монако (10., Аргентина) 3-6, 1-6, 6-4, 7-6, 7-6; Алмагро (11., Шпанија) - Штепанек (Чешка) 6-4, 6-7, 6-3, 6-4; Долгополов (14., Украина) - Левин (САД) 3-6, 4-6, 6-4, 6-1, 6-2; Раониќ (15., Канада) - Хиралдо (Колумбија) 6-3, 4-6, 3-6, 6-4, 6-4; Вавринка (18., Швајцарија) - Стаховски (Украина) 6-7, 7-6, 6-4, 6-2, Родик (20., САД) - Вилијамс (САД) 6-3, 6-4, 6-4; Квери (27., САД) - Лу (Тајван) 6-7, 6-4, 6-4, 7-5; Бенето (31., Франција) - Рошу (Белгија) 7-6, 6-2, 6-3 итн.
|