29.08.2012, 15:50 Лига на шампиони и Лига Европа на Макс ТВ
Корисниците на „Македонски телеком“ можат да ги следат сите натпревари од Лигата на шампиони и од Лига Европа на Макс ТВ од почетокот на сезоната 2012/2013. Во неа ќе бидат достапни вкупно 210 натпревари од двете натпреварувања и паралелно ќе можат да се гледаат до четири меча, информираше раководството на „Македонски телеком“.
Компанијата од УЕФА ги откупи правата за двете фудбалски лиги за наредните три години. Промотивно, фудбалските фанови ќе можат да ги следат преносите бесплатно до крајот на септември, по што натпреварите од Лигата на шампионите и од Лига Европа ќе бидат достапни во пакетот „Макс Спорт+“ за 199 денари месечно. Покрај ЛШ и ЛЕ, во пакетот се вклучени и спортските канали Спорт клуб, Спорт клуб +, Екстрим спортс, Моторс ТВ и ЕСЦПН класик.
Освен со пакетот „Макс спорт +“, содржините од Лига на шампиони и од Лига Европа ќе можат да се следат и преку новововедената услуга „Плати за да гледаш“ (Пеј пер вју), при што секој од натпреварите поединечно ќе биде достапен по цена од 99 денари, со вклучен ДДВ.
Според новините од компанијата, во вторник преку сите платформи натпреварите од Лига на шампиони ќе се гледаат на посебни канали, реализирани во соработка со Арена спорт од Србија, а се ексклузивно достапни само за корисниците на МТ и „Т-мобиле“. Во среда и во четврток, покрај еден натпревар што ќе се емитува на првиот канал на МТВ, кој исто така им е достапен на сите корисници на Макс ТВ, на посебните канали ќе бидат обезбедени и до осум натпревари дневно, повторно достапни на сите платформи и ексклузивно за корисниците на МТ и „Т-мобиле“.
|