29.08.2012, 15:39 Порше Македонија: Имавме најниска понуда, системот не функционираше
Порше Македонија, која беше една од фирмите што учествуваа на електронската аукција за набавка на 150 полициски возила, преку соопштение информира дека им бил оневозможен пристап до веб страницата на Јавни набавки во 12 часот и 22 минути кога понудиле цена пониска од понудата на компанијата „Ка- дис“.
- Иако во потребното поле поднесовме пониска понуда во износ од 209.500.00,00 денари, системот не направи освежување на податоците. Со оваа постапка нарушено е нашето право до крај да учествуваме на оваа јавна набавка и да поднесеме пониска понуда од веќе објавената, се вели во соопштението.
Порше Македонија најавува жалба до Бирото за јавни набавки и до Тендерската комисија при МВР, а како доказ, како што велат, ќе достават и видео снимка од последните минути на аукцијата. - Истовремено обезбедивме и доказ од Македонски Телеком дека сите интернет конекции на Порше Македонија во наведениот период совршено функционирале, велат од Порше Македонија.
На денешната електронска аукција за најниска беше прифатена понудата на „Ка-дис“ која за возилата „сеат алтеа“ понуди цена од 209 милиони 750 илјади денари.
Покрај „Ка- дис“ и Порше Македонија на аукцијата учествуваа уште три правни субјекти „Аутомотив Груп“, „Автомакедонија“ и „Делукс-Ауто“ од Куманово.
|