29.08.2012, 14:03 Деветти тендер за продажба на ОХИС
Министерството за економија ќе објави деветти по ред тендер за продажба на ОХИС, откако ќе достави извештај до Владата. Ова денеска го најави министерот Ваљон Сарачини. „Останува на следната владина седница да ја покренам иницијативата за објавување нов тендер. Целата постапка ќе трае не повеќе од 10 дена. Ако во меѓувреме добиеме информации од компании кои би сакале да додат нови барања и услови, и тие ќе бидат прифатливи за државата“, информира Сарачини.
Тој истакна дека засега нема промена на условите во тендерската документација за ОХИС иако има такви барања од некои компании. Сарачини напомена дека се обидуваат да најдат успешен начин за решавање на овој загубар. „Има нови барања, работиме во таа насока, но сите во Владата, посебно економскиот тим, се обидува да најде успешен начин и услови за привлекување што повеќе комапнии, за прибирање тендерска документација, на некој начин сигурност дека тоа ќе резултира со доставување понуди“, истакна Сарачини.
И минатиот пат кога беше објавен тендерот, се воделе интензивни разговори со компаниите. Сите нивни барања биле внесени во документацијата. Но, според министерот резултатот од тоа бил една понуда со контра услови, апсолутно неприфатлива за Владата.
Вработените на ОХИС веќе се сретнале и со Синдикатот и разговарале како да се најде начин да се спаси фирмата, но и да си ги добијат 13-те неисплатени плати. Како втора опција, ако не успее продажбата за ОХИС стои отворање на стечајна постапка. Освен ОХИС, се уште виси судбината и на охридски ЕМО, прилепскиот Тутунски комбинат и Еурокомпозити. (Ек.Р.)
|