28.08.2012, 15:55 (ФОТО) Дејвид Моралес го наполни Широк сокак
Светски познатиот диџеј настапи на затворањето на манифестацијата „Бит фест“
Светски познатиот диџеј Дејвид Моралес го наполни Широк сокак во Битола. На затворањето на манифестацијата „Бит фест“ синоќа пред полноќ, еден од најпознатите хаус-диџеи во светот и вистински предводник на денс-музиката - Моралес успеа да привлече близу осум илјади битолчани на својот концерт. Публиката два пати го врати на бис. „Благодарам Битола. Ве сакам Битола“, и' се обрати Моралес на расположената публика. Убавата атмосфера на затворањето на битолското културно лето ја надополнија и единасетте кафе-бара по должина на Широк сокак кои специјално за таа ноќ беа унифицирани во бела боја, украсени со балони. А за „белата ноќ“ на Широк сокак и младите битолчани барем на себе имаа еден детаљ во бело. Моралес се следеше и од балконите на куќите на Широк сокак. Тој во Битола дојде прв пат иако досега во Македонија настапувал два пати во Охрид и два пати во Скопје.
Моралес допатува во Битола од соседна Грција каде што на островот Миконос го славеше својот роденден со пријатели. Настапот во Битола воопшто не бил на неговата агенда, но, сепак, решил да им преиреди забава на битолчани. Прашан за висината на хонорарот за настапот на „Бит фест“, големиот диџеј со дипломатски одговор: „Сите мои настапи се претходно планирани, меѓутоа овој не беше. Исто така, кога зборував за настапот на Миконос, всушност, тоа беше моја роденденска забава. По мојот роденден, не сакав да настапувам работно, особено да не се качам на авион. Меѓутоа, мора да разберете дека уметноста не е во парите, не е во финансискиот аспект, уметноста е во тоа што им се дава на луѓето. Никогаш не сум бил поттикнуван од финансискиот дел на договорот. Сакам да пуштам музика, тоа е мојата уметност и тука завршува мојата работа“, одговори Моралес.
Моралес е прв поголем изведувач кој по војната на просторите на бивша Југославија настапувал на балканските простори. Иако во своите сеќавања носи и негативни искуства, сепак, вели дека публиката во Македонија особено му се допаѓа бидејќи не е „разгалена“. (А.Б.)
|