26.08.2012, 13:07 Доделување на наградите на 51. издание на Струшките вечери на поезијата
На поетскиот митинг „Мостови“ во Струга вечерва ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” , „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“
На меѓународниот поетски митинг „Мостови“, што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата во Струга, вечерва ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” , „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“ во рамки на 51. издание на манифестацијата Струшки вечери на поезијата.
Годинашниот лауреат, јужноафиканецот Монгани Вали Сероте е 47-тиот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Првпат му е доделен во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.
На 51. издание на Струшките вечери на поезијата, кое почна во четвртокот, а ќе трае до 28-ми овој месец, учествуваат 60-тина странски и исто толку домашни поети. Освен од Македонија, учествуваат истакнати поети од Азербејџан, Шпанија, Франција, Индија, Куба, Ирак, Сирија, Мароко...
Изминатите денови во рамки на Фестивалот беа промовирани повеќе изданија, одржани „Ноќи без интерпукција“ каде се читаше поезија, а беше претставено и творештвото на венцоносецот Сероте.
Манифестацијата продолжува утре и задутре со прошетака на учесниците низ повеќе градови во државата, а ќе биде заокружена во вторник со прогласување на Сероте за почесен член на Друштвото на писатели во Скопје. |