26.08.2012, 15:21 (ФОТО) Жешко затворање на манифестацијата „Битола отворен град“
Рамбо Амадеус, „Хладно пиво“ и „Фолтин“ беа вистинска атракција на затворањето на единаесеттото по ред културно-забавно празнување на градот на конзулите
Хрватскиот бенд „Хладно пиво“ беше вистинска атракција на затворањето на единаесеттото по ред издание на фестивалот „Битола отворен град“ во организација на МКЦ-Битола. Тие со своите хитови во саботата вечерта ја запалија публиката на Ракометното игралиште во Битола. Меѓу неколкуилјадната публика најголем број беа фанови од земјата, но имаше и посетители од соседните земји.
Еден од најпопуларните хрватски бендови „Хладно пиво“ одржа ексклузивен и премиерен концерт за битолчани, бендот прв пат доаѓа во овој град. Нивното гостување во градот на конзулите е дел од нивната голема летна турнеја. Концертот во Битола покажа дека и на овие простори фановите добро ги знаат песните на „Хладно пиво“, посебно од нивниот последен албум „Свет гламура“.
Спектакуларен беше и настапот на Рамбо Амадеус, кој во свој стил комуницираше со публиката на само за него специфичен начин. „Јас свирам 25 години и мојот бенд низ сите тие концерти, промени и корекции сега е подобар од кога било“, рече Рамбо Амадеус. Претходно на прес- конференцијата на Широк сокак црногорската музичка легенда Рамбо Амадеус, познат и по тоа што и на Евровизија сакаше да патува со магаре, се осврна на актуелни прашања како што е порастот на цените на нафтените деривати, предлагајќи ги магарињата како решение за енергетската криза.
„Колку што е нафтата поскапа, магарето е поактуелно. За жал, повеќето магариња од Балканот завршија во италијанските салати, така што јас апелирам до сите кои имаат магариња, да не ги продаваат бидејќи тие се едни убави домашни животни и поевтино е со нив, не користат нафта, а можат да бидат од голема корист“, рече Рамбо Амадеус по пристигнувањето во Битола.
На сцената настапи и домашниот состав „Фолтин“. Организаторите, МКЦ- Битола во соработка со „Фреш унион“, се задоволни од интересот на публиката, за која в година најавуваат нови музички изненадувања. Фестивалот „Битола отворен град 2012“ беше поддржан од „ONE“ и од градоначалникот на Битола во рамките на Битолско културно лето „Битфест“. (А.Б.) |