02.09.2012, 15:38 Федерер „гази“ на Ју-Ес опен
Првиот носител без изгубен сет и против Вердаско во третото коло
Најдобриот тенисер на сите времиња, без промена на силното темпо, продолжи да минува праг по праг на последниот грен слем во годината. Роже Федерер се пласира во осминафиналето од Ју-Ес опен откако го елиминира 25. тенисер на Флашинг Медоуз, Фернандо Вердаско, во три сета (6:3, 6:4, 6:4). Швајцарскиот ас имаше одличен ефект на прв сервис, со 87 проценти реализирани поени, но најимпресивна беше неговата игра на мрежа со освоени 26 поени од 27 обиди.
„Не ми падна на памет дека мојата статистика излегла толку добро. Веројатно, половина од времето не морав да удирам волеи, затоа што е тешко да погодите добар волеј кога е ветровито. Обично, кога излегувам на мрежа тоа го правам кога можам да бидам многу офанзивен“, изјави петкратниот победник на турнирот. Во осминафиналето тој ќе игра против Марди Фиш, 23-то рангираниот Американец, кој во третото коло беше подобар од 16. носител Жил Симон. Фиш кризираше само во вториот сет, што го загуби со 7:5, но во останатите три не загуби ниту еден гејм (6:1, 7:6, 6:3).
Во осминафиналето влезе и шестиот светски рекет Томаш Бердих, совладувајќи го 27. носител Сем Квери со 6:7, 6:4, 6:3, 6:2. Во следната фаза Чехот ќе игра против 11. рекет Николас Алмагро и, ако го победи, прв пат во кариерата ќе се пласира во четврт-финале на Ју-Ес опен. Алмагро, пак, исто така во четири сета (7:6, 6:7, 7:6, 6:1) елиминираше Американец, 19-годишниот Џек Сок. По тој рецепт Марин Чилиќ (12., Хрватска) ја доби битката со 17. носител Кеи Нишикори (6:3, 6:4, 6:7, 6:3). Хрватот го одигра најдобриот меч на Ју-Ес опен, иако самиот не беше презадоволен.
„Во текот на целиот меч имав проблеми со сервисот. Не сервирав добро и не можев да ја преземам контролата на мечот. Тој погоди многу топки, ме тераше да трчам лево-десно во текот на целиот меч. Ова беше дежок двобој за мене“, изјави Чилиќ, кој во следниот круг оди на Мартин Клижан од Словачка, изненадувањето кое им зеде мерка на Французите. По петтиот носител Цонга во второто коло, во третото го испрати на трибините и 32. Жереми Шарди со 6:4, 6:4, 6:4. |