Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
20.03.2012, 18:24

Едиторијал

Автомобилите контра мерките

Нина Нинеска-Фиданоска

Попусто чекаа бизнисмените и опозиционерите да ги викне премиерот Никола Груевски на состанок во Владата и таму заеднички да ги разгледуваат нивните идеи за тоа како полесно да се преживее кризата. Наместо покана за средба на која би се дискутирале овие „тешки“ предлози, власта ги „поздрави“ со една ептен антикризна и штедлива мерка - набавка на 30 нови возила за министрите и за странските гости.

Во Владата сметале, сметале, и пресметале дека е поисплатливо да се купат нови, како што самите велат „не многу луксузни“ автомобили, бидејќи овие сегашниве биле стари и трошеле многу бензин, а и за нивните постојани поправки се одлевале големи пари од државната каса. Вака сега и волкот ќе биде сит и овците на број. Не само што министрите ќе си имаат нови и удобни возила, не само што повеќе нема да се срамиме пред странските државници, туку дури и ќе се штеди на нивниот превоз. Кој воопшто ќе забележи дека ги нема оние меѓу половина до еден милион евра, колку што според пресметките на нашите колеги, ќе мора да го напуштат државниот буџет за оваа пролетна обнова на возниот парк.

Шегата настрана, се чини дека неа ѓаволот одамна ја однесе, откако стана јасно дека нема лесно да се живее во периодот што претстои. Економските показатели се безмилосни, колку и некој да се обидува да ги релативизира последните неславни бројки. Извозот во јануари се „струполи“ за нешто повеќе од 17 проценти, што доволно покажува колку лошо им оди на нашите компании на пазарите во странство. Индустријата го продолжи трендот на неколкумесечни минуси, регистрирајќи пад од 8 отсто во првиот месец од годинава. Бизнисот бара помош. Апелира до Владата да му подаде рака во овие тешки мигови на криза и на намалени нарачки. Во спротивно, никој не може да гарантира кога ќе мора да се посегне по оние познати и многу непопуларни чекори - кастрења на плати, отпуштања...

А не е дека Владата не може да стори нешто на тој план. Може, на пример, да ја намали акцизата на нафтените деривати и така да се откаже барем од дел од својот одличен ќар што таа и' го носи во државната каса. Така, колку-толку ќе им застане на патот на здивените цени и ќе го олесни неиздржливиот товар и за фирмите и за осиромашеното граѓанство. Велат, ќе им се намалеле буџетските приливи, но зарем не можеше да се почека со новите споменици и така да се искомпензира понискиот приход?

Свесни дека кризата притиска се' посилно, коморите и опозицијата од почетоков на годинава осмислија и претставија серија солуции како полесно да се ублажат последиците. Можното намалување на акцизата на нафтата е само една на листата од големите пакети мерки што му беа понудени на владиниот кабинет. Да се зголемат даноците за побогатите, да им се поделат ваучери на најсиромашните, да се преполоват казните за фирмите, да се замрзне плаќањето на фирмарината, државата побрзо да се раздолжува кон компаниите, да не бега од системот на задолжницата, да ги субвенционира вработувањата во малите фирми... Сето тоа го има во папките и стратегиите полни со економски предлози кои одамна стигнаа на „Илинденска“ бб. Но, од таму немаа време или немаа желба да ги резгледаат. Или, пак, ги разгледаа, ама експресно одлучија дека не им се допаѓаат. А можеби и не им се чинат толку лоши, но не веруваат во добрите намери на нивните предлагачи. Никој не го знае точниот одговор, но едно е јасно, понудените мерки не успеаја да се најдат во владините економски политики.

Нам ни останува со помош на трикови да ја преживуваме кризата. И, се разбира, да се радуваме за новите автомобили за министрите.


Статијата е прочитана 761 пати.

Испрати коментар



Замислената заедница на еврото
Дали Велија и Љубе се политички затвореници
Шокот од Вилмаленд



od ostrijot, 21.03.2012 09:50:46
kako mi izgleda ovije od vladata zivejat vo nekoj drug svet druga drzava pa zatoa i neznajat sto pravat.
BitolaHamiltonCanada, 21.03.2012 18:46:03
Zarem nemozi da se poceka so novite spomenici ??prasuva Nina.Sigurno deka mozi.Zarem 880 lica i 33 shefovi,treba da rabotaat za pristapuvanje vo EZ celi 4-5 god.??Sigirno deka ne treba.Ovaa rabota mozat da ja napravat samo 1% ili samo 9 lica.I uste mnogu drugi raboti ima koi shto mozat da se napravat so pomala administracija.Ako se saka sese mozi.No Megalo Nikos,nikogas nema da dozvoli,negevata falanga nekoj da mu ja namali.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 21°C

Делумно облачно

Недела
Делумно облачно
Макс: 20°C, Мин: 6°C

Понеделник
Сончево
Макс: 18°C, Мин: 4°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |