Никогаш повеќе рози и коњак за Едгар Алан По
Шеесетгодишната традиција на одбележување на роденденот на Едгар Алан По со рози и коњак од таинствен почитувач, прекината е годинава на 201-годишнина од раѓањето на овој американски мрачно романтичен писател
Јасминка Павловска
Мистериозниот посетител, кој со децении на гробот на Едгар Алан По за годишнината на неговото раѓање, 19 јануари, носеше рози и коњак, оваа година првпат не го направи тоа. Кустосите на куќата и музеј на Едгар Алан По во Балтимор велат дека таа традиција траела од 1949 година и никогаш не била прекината.
Во вторникот, на 201-годишнина од раѓањето на По, десетици обожаватели цела ноќ чекале таинствениот посетител да дојде на гробот покрај црквата во центарот на Балтимор, каде што е закопан писателот. Но, кустосот Џеф Џером објавил дека посетителот, кој секогаш се појавувал меѓу полноќ и 5,30 часот наутро, овој пат не дошол. Џером не објаснил зошто. Дали овој чин на недоаѓање на тајниот посетител на 201. роденден на американскиот мрачен романтичен писател означува крај на една традиција? Дали таинствениот почититувач на делото на По сакал симболично да каже дека никогаш повеќе нема да биде исто чувството на интимност по префрлувањето на телото на писателот од гробот во неговата куќа во Балтимор на гробиштата Вестминстер?
Тоа се случило минатата година, речиси на денот кога се навршуваа 160 години од тажната смрт на По ( 7 октомври), во рамките на одбележувањето на 200-годишнината од неговото раѓање.
Според сите критериуми, Едгар Алан По заминал од овој свет во 1849 година на најтажен начин. Мрачно-романтичниот писател и поет, кому му е припишано дека го измислил жанрот на детективската фикција, доживеал далеку поготска и потмурна приказна од сите свои приказни.
Веќе било лошо кога го пронашле како талка по улиците на Балтимор без скршена пара, блада неразбирливи зборови, облечен во нечија туѓа облека и веројатно претепан. Имал само 40 години кога починал четири дена подоцна, на 7 октомври 1849 година, во јавна болница, а неговите последни зборови биле: „Боже помогни и' на мојата кутра душа“.
Едгар Алан По, кој бил и активен литературен новинар, во состојба на депресија и очај се обидел да се самоубие во 1848 година. Потоа исчезнал три дена по една забава, за потоа во многу чудна состојба да се појави на улиците на Балтимор.
Иако во тоа време бил најпознатиот писател во Америја, неговиот роднина Нилсон По не' известил никого за неговата смрт, така што помалку од дестина луѓе се појавиле на неговиот погреб. Свештеникот не сакал да се заморува со држење проповеди, па целата церемонија траела три минути.
Веројатно поради оваа вистинита тажна приказна за животот и за смртта на Едгал Алан По, неговите почитувачи во годината кога се одбележуваа 200 години од неговото раѓање сакале да му направат свечено и достоинствено испраќање, за што веруваат дека го заслужил. Телото на По е пренесено во старинска погребна кола што ја влечеле коњи од неговата куќа во Балтимор, во улицата Амити, до гробиштата Вестминстер, каде што биле одржани две долги церемонии, пред 700 почитувачи на неговото дело, од кои некои допатувале од Виетнам.
Двојниот јубилеј довел и до неумесно грабање меѓу неколку американски градови - Балтимор, Ричмонд, Филаделфија, Њујорк и Бостон, околу тоа чиј писател е, всушност, По. Победиле организаторите на погребот во Балтимор, чиј адут бил дека тие го имале телото на По.
Документите на поетот откриваат дека тој редовно праќал молбени писма до уредниците на весниците, барајќи сума од само десетина долари, колку да го плати возниот билет од Ричмонд до Балримор.
Но, за својот кус живот оставил импресивно творештво. Неговите иновации во детективската проза можат да се сметаат за директна претходница на Шерлок Холмс или на филмовите на Алфред Хичкок. „Измамата со балон“ од 1884 година, новински текст во кој известувал за измислено патување преку Атлантикот во воздушен балон, била инспирација за познатата радиоемисија на Орсон Велс, „Војна на световите“, направена 94 години подоцна.
Текстот, денес познат како „Измамата со балоноо“ бил објавен во њујоршкиот весник „Сан“, со насловна страница што најавувала спектакуларни вести за триумфалниот подвиг на преминување на Атлантскиот Океан за само три дена. Во текстот се изнесуваат детални описи на патувањето со балон, полесен од воздухот, со дијаграми и спецификации за вештината на управување со летечката машина. Наводниот патник бил познатиот европски летач со балон Монк Мејсон. Подоцна овој плод на фантазијата на По бил разоткриен и весниците ја демантирале целата приказна.
Алис Купер и другите егзотични рок и хеви-метал изведувачи од 70-тите години на минатиот век веројатно не би постоеле без елаборацијата на По за готскиот стил и атмосфера. Веројатно ни бестселерот на Ден Браун „Кодот на Да Винчи“ не би бил инспириран ако не постоел кусиот расказ „Златниот елен“ на Едгар Алан По, прва приказна за пронаоѓање скриено богатство со помош на решавање криптограми.
Биографијата на По е тажна речиси од самиот почеток. Рано ги изгубил родителите. Татко му и мајка му, Дејвид По и Елизабета Хопкинс По, и двајцата глумци, починале две години по неговото раѓање. Едгар потоа го одвеле во Ричмонд, каде што живеел кај трговецот Џон Ален, а потоа бил испратен во Англија, каде што од 1815 до 1820 го посетувал училиштето „Манор“ во Свиндон Њупорт. Никогаш легално посвоен, презимето Алан го зел како средно име.
Во 1826 година се запишал на студии на Универзитетот во Вирџинија, но бил исфрлен поради коцкарски долгови, што довело до кавга со Џон Алан, кој тогаш се откажал од него. Во 1827 година се пријавил во војска, лажејќи за своето име и возраста, а во 1830 година стигнал до Вест Поинт, но и оттаму бил исфрлен подоцна, поради неизвршување на должностите.
За следниот период од животот на По малку се знае, освен дека во 1833 година живеел со тетка му во Балтимор. Откако со кратката приказна „Порака во шише“ освоил 50 долари, започнал кариера на писател, објавувајќи раскази во литературни магазини од Ричмон и од Филаделфија.
Во 1835 година се оженил со својата 13-годишна роднина Вирџинија Клем, која подоцна од последиците на туберкулозата ќе стане инвалид, а на крајот и ќе почине. Овој случај се смета за причина за неконтролираниот алкохолизам на По. Славната песна „Анабел Ли“ (1849) и' ја посветил токму на Вирџинија.
Неговата прва збирка, „Гротески и арабески“ се појавила во 1840 година, а во неа била и една од најпознатите приказни „Падот на куќата на Ашерови“. Во историјата на литературата се влезени и расказите на По: „Во вртлозите на Малстрем“, „Маска на црвената смрт“, „Бунар и клатно“, „Црна мачка’, „Вилијам Вилсон“ и други.
Сепак, мрачната поема за изгубената љубов „Гавранот“, на По му ја носи светската слава во 1845 година, а од тој период се и двете негови криминалистички приказни „Убиство во улицата Морг“ и „Украденото писмо“.
Во приказните на По има многу романтичарски обележја: од тематиката до особената сликовитост и реторика. Сето тоа е поставено во амбиент на старински, готски дворци, таинствени направи, морничавост и меланхолија на гробната атмосфера, жени со вонземна убавина, а кобна судбина, таинствени и застрашувачки појави од сферата на потсвесното, мешање на сонот и јавето....
По од своите современици и следбеници низ светот е нарекуван еден од најголемите литературни херои, творец на фантастичниот реализам, поет на бездната... А тој бил убеден дека неговата верба во моќта на зборовите е неограничена што верувал дека со нив може да го изрази дури и исчезнувањето на фантазиите, онакви какви што самиот се обидел да ги опише.
|