Мислења
Обид за отрезнување на нечиј разум
Трајан Петровски
Мора да се повтори категорично и гласно - не смее да се случи депонија во Дебрца, во култно Арбиново
Арбиново е средишна кота во Горна Дебрца. Арбиново е синоним на славна, историска Дебрца. Арбиново е топоним на непокорната брсјачија. Епска вертикала на македонските страдања и вознеси низ вековите. Арбиново е култно место во многукратно култната Дебрца. Дебрца со Арбиново ја содржи сета славна македонска историја. Војувала низ сите векови на ропства и владенија за да опстои. Војувала и возвишувала. Извојувала две големи востанија и револуции - Илинденската и Народноослободителната, антифашистичката. Дебрца, со сета своја географија, со сите световни и духовни величија, со срце и со душа се вградила во темелите на македонската држава. Токму таа е камен-темелникот. Дебрца со право се смета за пантеон на македонската слобода. За Арбиново и за Дебрца пишувам цел живот. Ги тагувам, ги возвишувам и ги бранам. Судбината сакаше жестоко да пишувам и во 2001 година кога се осквернави македонската државност од АСНОМ. Тоа го сторив доблесно и гордо.
И денес, во овие мачни и тревожни времиња, само по нецели десет години од првата голема загрозеност среде слобода, на почетокот на втората деценија од 21 столетие, судбината налага силно да се воздигне гласот во одбрана на Дебрца. За недокваканата идеја за изградба на депонија, која ги растревожи жителите на Дебрца и сите што носат нејзино потекло и ги сили на достоинствен отпор. За недоволно упатените во минатото, како и за оние со кратко памтење, за кусогледите и наглувите, за разградувачите, за плиткоумните и оние раководени од лични интереси од лукративни и валкани побуди, се налага потсетување на некои круцијални факти за Дебрца.
Дебрца е македонско светилиште од времето на Светиклиментовата Кутмичевица. Кузман Капидан во „Сердарот“ на Прличев стигна преку Дебрца. А османлиските педантни дефтери бележат дека поради Илинден изгорела цела Дебрца. Од 21 јули до 26 август 1903 година до темел биле изгорени и ограбени сите 22 села. Од 1.102 куќи, само 40 не останале без покрив, оние што биле во состав на турските чифлизи. Биле убиени 120 селани, а 140 девојки и жени биле силувани.
Во виорот на Втората светска вој��а низ Дебрца пееше вистинската македонска слобода. Со силен набој. Со неизвалкана чест. Дебрца беше слободна македонска територија на која се создаваше македонската држава. Во пазувите на Караорман и Славеј Планина беа формирани првите регуларни единици на македонската војска и првите органи на народната власт. На 18 август 1943 година беше формиран баталјонот „Мирче Ацев“, а на 11 ноември, во Сливово, Првата македонско-косовска ударна бригада. На 11 септември истата година беше формиран одредот „Славеј“ задолжен за заштита на слободната територија. Партизанската печатница ,,Гоце Делчев”, сместена во селото Црвена Вода на Ванчо Николески, во првата половина на октомври 1943 година го отпечати во две илјади примероци првиот Манифест до македонскиот народ. Тој се вбројува во најзначајните документи од овој период на македонската историја. Подготовките за свикување на Првото заседание на АСНОМ покажаа какво значење има овој програмски документ. Под него стојат потписите од командантот на Главниот штаб, Михајло Апостолски, од политичкиот комесар Цветко Узуновски, од членовите: Методија Андонов, Хамди Дема, Страхил Гигов, Венко Марковски, Петре Пирузе, Иван Танев, Никола Минчев, Елисие Поповски и Кузман Јосифовски.
По иницијатива на Главниот штаб, а по одлука на Околискиот одбор, беа отворени првите македонски училишта во текот на септември и на октомври 1943 година во селата: Слатино, Белчишта, Велмеј, Злести, Оздолени, Средорече, Ботун, Ново Село, Врбјани. На 15 октомври 1943, беше формирано Верското поверенство на Главниот штаб. Првото собрание на свештениците од слободната територија со претставниците на народноослободителните одбори и верскиот референт на ГШ се одржа во с. Издеглавје.
Во Дебрца беше формирана и првата партизанска болница. Таму пристигна и првата англиска сојузничка мисија уште пред капитулацијата на Италија на чело со мајорот Џорџ Клајн. Тој во изјавата за весникот на бригадата „Народен фронт“, бр. 2, 1944 година, вели: „Никогаш во животот не сум видел толку голем морал како кај вашите борци. Тој се засновува врз силни чувства - вербата во победа и вербата во своите раководители. Борбата за народно ослободување и за ослободување на поединецот е природно право на секој човек“. Аеродромот на Славеј се користи во ноември 1943 година, во мај, јуни, јули и август 1944 година, за примање помош од сојузниците. Во јули 1944 година во Главниот штаб пристигна американската воена мисија, а при крајот на ноември - советската... Во летописот на ослободителната борба е запишано дека за големото дело на Револуцијата Дебрца дала 133 борци. Да не набројуваме повеќе. Ова не е никакво самољубие, туку жива вистина.
Зошто било нужно сето тоа?! Зошто, пак, тревоги и сквернавење на Дебрца, која остана во списокот на општините токму поради својата славна историја?!
И самата помисла за изградба на регионална депонија во Дебрца, за сметот на четиринаесет општини од Западна Македонија може да се толкува како обид за валкање на чистотата на целиот регион и на големата историска слава. Како чин на беспримерна безобѕирност и неодговорност. Лоцирањето на таква депонија или поточно, софистицирано буниште, во срцето на Горна Дебрца, во Арбиново, непосредно до реката Сатеска, која се влива во Охридско Езеро и со Охрид е под заштита на УНЕСКО, е спротивно на меѓународните еколошки стандарди. Треба да се има предвид и фактот дека тука минува и трасата на Коридорот 8 (Исток-Запад).
Дебрца е главна порта за влез во Охрид и во Струга. Може само да се замисли како ќе изгледа дотурот на сметот од четиринаесетте општини и каква ќе биде фреквенцијата на сообраќајот по магистралата со меѓународен знак. Колку камиони дневно ќе крстосуваат од сите страни и што ќе се случува. За менаџирањето со депонијата - буниште да не говориме! Во овие дваесет години транзиција се виде колку сме кадри да менаџираме.
Историјата на Дебрца не може да се крунисува со депонија, дури и со т.н. најсофистицирана технологија! Блиску до разумот. Иднината на Дебарца, таква каква што е, сакатена и подгазувана, не може да се крепи со депонија!
Со изградба на депонија токму во Дебрца нема да се согласи УНЕСКО. Не дозволуваат ниту Малесија ниту Копачка со Кленоец и Душогубица. Не дозволуваат ниту моштите на мојот печалбар Лито и на војводите Дејан и Косто. Ниту светите огништа на моето ценето селанство што им пркосат на предизвиците. Со судбината на Дебрца повеќе не смее да се експериментира. Историјата жестоко обврзува. Жестока е и иднината. Со еден таков чин се пос��га и по македонското битисување. И мора да се повтори, категорично и гласно, не смее да се случи депонија во култно Арбиново. Но пасаран!
(Авторот е писател) |