Сузана Спасовска
Секогаш вљубена и засекогаш Национале
На евровизискиот избор ми е важно да учествувам и да испеам нешто различно од тоа што го пеам и работам. Но, ова не е експеримент, во кој не знам што правам. Песната на Сашо Ливрински можам на кратко да ја опишам како комплицирана - комбинација на етно и опера
Јасминка Павловска
Прекарот Сузе Национале, кој Сузана Спасовска го доби пред речиси дваесетина години, во почетокот на транзицијата, кога сериозно започнуваше нејзината пејачка кариера, таа се' уште го сфаќа сериозно, како обврска. Во времето кога се уриваа многу вредности, во речиси сите сфери на животот, појавата на нестандардната и провокативна Сузе Национале, културните пуританци го доживуваа токму како парадигма на губењето на квалитетите. Малкумина беа оние што во ситната русокоса со дрски мини-здолништа и високи потпетици успеваа да ги препознаат моќта и вештината во нејзиното пеење. Умешноста да отпее се' што ќе посака веројатно и' ја дава самодовербата да се справи со ексцентричноста на своето претставување во јавноста. Сузана Спасовска, се' уште себеси се доживува како рокер во душата, со духот на девојката која во осумдесеттите години на минатиот век музички се образуваше во Младинскиот хор на Запро Запров, при Домот на младите во Скопје, а се дружеше и пееше со скопските рокери. Сепак, никогаш не се покајала што ја избра народната музика, онаа новосоздадена, што се дефинира со терминот фолк, па дури и турбофолк. Сузе Национале вели дека во својата кариера никогаш не правела експерименти за кои не знаела што ќе излезе. Сите излети што ги правела ги правела свесно и планирано. Токму како и учеството во конкуренцијата за македонски евровизиски претставник на претстојниот Скопски фестивал идниот месец.
„Само да се знае, ова нема да биде мое прво учество во конкуренцијата за Избор на песна за Евровизија, започнува Сузе. Имам настапувано и претходно. Мислам беше во 1998 година, т.е.онаа година кога Владо Јаневски беше избран за македонски претставник на Евровизија. Не поминав лошо тогаш со песната „Опомена“ на Ванчо Димитров, но на Евровизија патува само првиот, нели? Чувството за овој фестивал ми е различно од другите на кои учествувам и главно одам на победа. На евровизискиот избор ми е важно да учествувам и да испеам нешто различно од тоа што го пеам и работам. Но, во никој случај ова не е експеримент во кој не знам што правам. Песната на Сашо Ливрински можам накратко да ја опишам како комплицирана - комбинација на етно и опера. И ќе ја пееме во дует со Дарко. Всушност, да не бидам скромна - чувствувам дека е ремек дело. Ха, ха, лажната скромност и така не е дел од мојот карактер. Во секој случај, уште од сега кажувам дека му посакувам среќа на оној што ќе победи.
Некако стана тренд во последниве години за евровизиски кандидати да претендираат песни и изведувачи, кои одат на комбинацијата со етно стилот, но ретко успешно кај нас. Сите не' фалат за богатото музичко наследство, дури и ни го обработуваат, а ние како да не умееме да ја направиме вистинската комбинација од она што го имаме. Ќе успеете ли Вие да ја направите вистинската комбинација?
- Веќе реков, дека на овој фестивал ми е важно да учествувам. Композиторот и аранжер Сашо Ливрински е мој долгогодишен соработник и верувам во она што го работи. Сега едноставно сакам да претставам нешто ново, несекојдневно. А, ако тоа биде препознаено како евровизиски фаворит, ќе бидам среќна. Наедно знам дека тогаш започнуваат маките. Од искуствата на сите претходни македонски претставници на Евровизија, знам дека најголемиот товар и организационен и уметнички паѓа на нив самите. Покрај тоа, веќе имам и некои договорени настапи и обврски, па малку и ме фаќа страв од работата што ме очекува. Но, никако не се сомневам дека е добра песната што ќе ја изведеме.
Дали ова твое учество на Скопскиот фестивал го доживуваш како влегување на „теренот на забавњаците“? Всушност, последниве години тие на големо влегуваат на „ваш, народњачки терен“, па речиси постојано некој вади обработки на народни песни...
- Не, не чувствувам дека влегувам на туѓ терен. Од интерпретаторски аспект се чувствувам сосема сигурно. Всушност, не би се нафатила да правам нешто, ако не знам што правам. Ниту, пак, се чувствувам загрозено што колегите од забавната музика пеат народни песни. Сметам дека младите треба да ја знаат македонската народна песна и секако дека полесно ја прифаќаат кога ја пее некој од нивната генерација. Навистина излегло многу проекти со обработки на народни песни и сметам дека има успешни, но има и промашувања. Но, не би сакала сега да се ставам во улога на судија. Од друга страна, среќна сум што јас на некој начин воведов нов правец во доживувањето и интерпретирањето на народната музика. Уште одамна имам направено дисковерзија на „Гордо Македонијо“, како и на низа други народни песни.
Криво ли ти е некогаш што другите ги земаат заслугите за воведување на некои трендови? На пример, твоите дискообработки на народните песни се третираат како „турбофолк“, а сегашните како модерно „етно“!
- Ама не ми е потребно мене признание како плакета. Сатисфакција ми е кога ќе направам нешто добро, а потоа долго се зборува за тоа. Така беше со настапот на концертот со „Леб и сол“ на крајот од 2008 година со песната „Ајде сонце зајде“. Мислам дека тоа беше кулминација на концертот, за што долго се зборуваше. Инаку, знам кога ме копираат. Не само во воведувањето на некои музички трендови, туку и во имиџот. Сега сите се „запалија“ за бричената Ријана - фризура, па дебатираат дали на овие простори тоа го донела Тијана или Сека Алексиќ. А, јас тој имиџ го „изгустирав“ уште пред 15 години. Се трудам да внимавам да не ги откривам плановите пред да ги спроведам, за потоа да не излезе дека сум јас нечија копија.
Од сегашен аспект, сметаш ли дека подемот на твојата кариера се случуваше во погрешно време - во време кога пазарно мораше да се ограничиш на Македонија?
- Отсекогаш сум сметала дека Македонија ми е мал пазар. Но, отсекогаш сум се трудела да излезам од зададените граници. Успевав колку што можев и тоа сама. Во почетокот на 90-тите година имав понуда да снимам за тогашниот ПГП- РТС во Србија и да ме направат една од петте топ-ѕвезди. Ама тогаш останав бремена. Но, во ниту еден момент не сум се покајала за која било одлука. Денеска ја имам мојата прекрасна 14-годишна Теона, која не е многу заинтересирана за фотографирање слава, ха, ха... Дали било погрешно времето? Е, па такво било, какво што било, а јас секогаш сум се трудела да го постигнам максимумот во зададените услови. Настапував во Америка, Австралија, а сега од пред една година ми се отвори нов пазар во Бугарија. До сега работев без менаџери, зашто сметам дека самата сум добар организатор. Но, во Бугарија морам да имам менаџер или секретар, како што велат таму. Сега сфатив дека така било многу полесно. Сега веќе имам и менаџер за Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. По излегувањето на ЦД-то „Бакардан“ за „Кроација рекордс“ минатата година, сега за март-април годинава се подготвува второ издание. Работата се шири и едноставно морам да работам со менаџери, а не да се обидувам да се клонирам.
Што се случи со онаа спонтана Сузана Спасовска, која провоцираше со секоја своја појава?
- Ах, па јас никогаш не сум оставала на случајот. Девица сум во хороскоп и сакам се' да ми биде испланирано. Секоја „провокација“ била во интерес на некоја повисока цел во шоу-бизнисот. Во Младинскиот хор на Запро Запров ја стекнав фасцинацијата од повеќегласното пеење и дисциплината. Денес, ако во песната не пеам повеќе гласови, ми изгледа штура, сиромашна. На снимките секогаш сама си ги пеам придружните вокали. Спонтаноста ја имам во комуникацијата со луѓето и секогаш сум блиска со народот, со мојата публика. Јас сум народен тип и верувам дека затоа ме нарекоа Сузе Национале. Иако некои се обидуваат тоа прекар да го интерпретираат потсмешливо, јас сум горда на тоа и го сфаќам мошне сериозно. Штом ми останал досега, сигурно е дека потекнува од искрено доживување кај лугето на мене и мојата песна.
Што се случува со приватниот живот на Сузана Спасовска?
- Немам време за приватни случувања од тоа колку имам работа. Сето приватно време и внимание ми е врзано со Теона. А, таа е сега во тинјеџерските години, па ми се чини не сака многу мајка и' да и' се меша во животот, ха,ха.
Се смири ли, конечно, Сузе Национале?
- Па, јас секогаш сум била смирена и секогаш вљубена! |