Брoj 2711  сабота, 14 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

ЕДИТОРИЈАЛ

За Клинички некој треба да одговара

Јасмина Јовановска

Поделбата на Клинички центар на 32 клиники Уставниот суд ја поништи како неуставна. Тоа се случи на денот кога промоторот на „најголемата реформа“ во здравството на Владата во заминување, Имер Селмани, се испофали колку е постигнато со трансформацијата на Клинички центар и што секоја клиника ќе има по двајца менаџери. Дали случајно или намерно се совпадна поделбата да се поништи на денот кога Селмани им ги делеше дипломите на здравствените менаџери - и не е толку важно. Но, јасно е дека Уставниот суд и' удри шлаканица на Владата во заминување токму во моментот кога се фалеше за својата најдобра реформа во здравството, укажувајќи и' дека направила крупен пропуст со најголемата здравствена установа во земјава.

И покрај тоа што Уставниот суд го дијагностицира пропустот, Владата како да не сака да ја признае грешката. Од Министерството за здравство на денот на поништувањето на одлуката не сакаа ништо да коментираат, дури ни што ќе преземат и како ќе ја спроведат одлуката на Уставниот суд. Министерот Селмани, иако првично се изјасни дека ќе ја чека одлуката за да види што ќе прави, само за еден ден се премисли, па се стави во одбрана на својот модел, што е и нормално. Но, направениот пропуст повторно не го признава, туку ја извртува вистината во своја полза. За него, Уставниот суд ја оспорил само постапката, но не и моделот на поделбата на Клинички центар. Како тоа да не е исто. Ако е поништена одлуката, тогаш трансформацијата како да ја нема, бидејќи не смее да се дозволи вакуум и состојбата мора да се врати на поранешната состојба. Но, министерот Селмани излезе поголем правник и од судиите во Уставниот суд, па тој нема да ја менува трансформацијата на Клинички центар зашто е добра и ќе продолжи, само ќе чека да се формира новата влада која ќе направи друга постапка.

А токму непочитувањето на таа постапка ја направи одлуката ништовна и значи дека клиниките треба повторно да се спојат и Клинички центар да се врати на старо. Така барем велат правните експерти, кои објаснуваат дека поделените 32 клиники повторно треба да се обединат во една целина со еден директор. Па, се наметнува прашањето кој ќе ја понесе одговорноста сега за ваквата лакрдија со Клинички центар и за тоа што некој си поигрува со нервните на вработените и на пациентите - нешто да се дели, а по една година повторно да се спојува. И најбитното, кој ќе ги плати залудно фрлените пари. Зашто поделбата, место еден директор и управен одбор, донесе 64 директори и исто толку управни одбори. Дали цената од ваквите игри ќе ја платат само пациентите, зашто од целата оваа рашомонијада со поделбата најдебелиот крај, сепак, го извлекоа болните, кои со поделбата не добија ништо друго, туку само поголеми малтретирања ако мораше да се лекуваат на повеќе клиники. Или, сепак, министерот Селмани ќе има доблест и ќе ја признае грешката и ќе одговара за неа. Не само политички туку и финансиски, како што им се закануваше на клиничките директори кога фалеше некој лек или материјал за операција.

Дотолку повеќе што на неуставноста на одлуката се укажуваше уште пред да почне трансформацијата. Зошто тогаш не се внимаваше и не се слушаа експертите кои беа ангажирани дури и од странство, туку по секоја цена се одеше што побрзо да се трансформира Клинички центар. На кого толку му одговара расформираниот Клинички центар. Се зборува(ше) дека Клинички се дели за сметка на отворањето на Тетовскиот клинички центар. Но, дали е во прашање само Тетовскиот центар!?

Без разлика со која цел се подели Клинички центар, трансформацијата е доказ како не треба да се носат избрзани и докрај неосмислени реформи во здравството. Зашто на здравството не му требаат вакви крупни потреси, посебно не во најголемата здравствена установа во земјава, каде што дневно се лекуваат повеќе од 1.000 болни. Зошто да страдаат болните кои најмалку се виновни за грешките на тие што ја кројат здравствената политика.


Статијата е прочитана 529 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Претходен број
Зденко
Прегласувањето в недела мора да биде мирно и чесно
Грците ќе го менуваат и името на лезбијките
Охридското Езеро е старо три милиони години
Истрагата за сообраќајката на Тоше, конечно, тргнува од мртва точка
Посматрач кај Нимиц
Нимиц доаѓа на Балканот да ги раздвижи преговорите
Нафтени шокови и последици
Ни ред без доверба ни доверба без ред
Рупел- Изборите ги следиме со големо внимание
Завршија јубилејните „Рацинови средби“
Карикатура
Verbatim