Поглед
Посматрач кај Нимиц
Соња Крамарска
Од завчера македонската преговарачка страна во спорот со Грција е засилена со уште еден член - Мартин Протоѓер, шеф на Кабинетот на премиерот Никола Груевски и генерален секретар на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Засилувањето дојде и очекувано и неочекувано. Очекувано, затоа што е познато заладувањето на односите на Груевски со актуелниот преговарач амбасадорот Никола Димитров и таквиот потег никого не го изненади, а неочекувано, затоа што Протоѓер како една од клучните фигури во тимот на Груевски, покрај многуте обврски, ја доби и обврската за надгледување на преговорите.
Се' уште не е јасно во кој формат настапува Протоѓер. Преговарачот Никола Димитров на таа позиција е назначен во согласност со процедурата за именување амбасадори, а тоа е - владата предлага, а шефот на државата дава зелено светло и потпишува указ.
Протоѓер не ја поминал таа процедура. Тој замина за Њујорк само со благослов од премиерот и логично е да се сфати тоа како потреба на премиерот во преговорите да се слушне и гласот на владата, а не само на претседателот.
Паралелизмот при преговорите не дава добра слика за нашата земја и за нејзините капацитети да се справи со грчките притисоци и блокади.
Напротив, укажува на раздор во раководството. Рокот 9 јули што го постави меѓународната заедница за решавање на спорот со Грција наближува. Веќе е илузија дека ќе успееме да го фатиме возот за НАТО. Го испуштивме, а тоа како да не го загрижува никого во постизборната еуфорија. |