Нимиц доаѓа на Балканот да ги раздвижи преговорите
Изборите во Македонија не се никаква пречка за процесот, смета медијаторот во спорот со името
Димитар Чулев
Нимиц планира до крајот на јуни да дојде во регионот и во директни средби со грчкиот и со македонскиот државен врв да ги интензивира напорите за решавање на спорот.
„Изборите во Македонија не се никаква пречка за процесот. Вистина е дека нема нова влада и дека оваа недела ќе има избори за да се заврши изборниот процес, но раководството на земјата е познато, претседателот е претседател, а изборните резултати јасно покажаа кој ќе биде премиер и која е водечката партија во парламентот, така што моето чувство како посредник е дека тој процес продолжува со добра волја на двете страни. Не гледам дисконтинуитет во процесот“, изјави во Њујорк во четвртокот вечерта по македонско време, по средбата со преговарачите Никола Димитров и Адемантиос Василакис, медијаторот Метју Нимиц.
По последната рунда преговори министерот Милошоски вчера на заедничката прес-конференција со словенечкиот шеф на дипломатијата Димитриј Рупел, одговарајќи на новинарско прашање, одговори дека „Македонија е расположена да го има Нимиц за свој гостин“ и изрази надеж дека Атина нема да се противи на тоа. Наспроти ова, грчки извори последниве денови прогнозираат дека доколку Нимиц, сепак, дојде до крајот на јуни на Балканот, тој во Атина нема да биде примен од премиерот Караманлис, туку само од шефицата на дипломатијата, Бакојани. Ова се толкува како обид на Грција да го одврати Нимиц од намерата да се интензивираат преговорите во наредните неколку недели, јави дописникот на ТВ А1 од Њујорк. Раздвижување во врска со грчко-македонскиот спор околу името нема да има пред септември, коментираше во четвртокот грчкиот весник „То вима“.
По средбата со Димитров и со Василакис во Њујорк, Нимиц инаку оцени дека двете страни се трудат да го решат спорот во името на духот на добрата волја. „Двете страни, имајќи ги предвид настани��е во последните неколку месеци, изборите и слично, изразија подготвеност да се вратат на работа и да видиме дали можеме да направиме напредок за ова прашање“. Нимиц рече дека е очигледно оти „не го решивме проблемот овде, но ќе се вратиме на работа и веројатно ќе одам во регионот релативно брзо за да видам дали можеме да го решиме ова прашање“. Според него, настаните од последните неколку месеци донеле некои нови елементи: јазот не се намалува или стеснува“, вели Нимиц, туку темите за дискусии, според него, се пофокусирани.
Дописникот на А1, кој беше во Њујорк, оценува дека последната средба меѓу преговарачите и медијаторот била една од најтешките досега. Македонските претставници, преговарачот Никола Димитров и шефот на Кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, остро протестирале за она што Грција го прави во последните месеци, како што се забраната Црвенковски во Атина да патува со владиниот авион, проблемите на македонските автопревозници во Грција, инцидентите на македонски граѓани во Грција... Било побарано објаснување од Атина за оваа нова практика на грчките власти која ја влошува ситуацијата. Генерален впечаток бил дека, наместо со сила на аргументи, Грција на преговорите настапувала со аргументот на сила. Според изворите на А1, преговорите воопшто не личеле на преговори, немало никаква флексибилност, средбата повеќе личела на ситуација во која Грција била таа што ја уценувала македонската страна со цел да изнуди попуштање од Скопје за спорот со името.
Инаку, на средбата во Њујорк првпат со преговарачот и амбасадор Никола Димитров отпатува и шефот на Кабинетот на Груевски и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер. Ова во некои кругови во земјава беше оценето како обид на премиерот да го контролира преговарачот Димитров, со кого ги има заладено односите. Но, владиниот портпарол Ивица Боцевски во четвртокот појасни дека Протоѓер во Њујорк заминува во својство на шеф на Кабинетот на премиерот и дека ова не е првпат Димитров во Њујорк да заминува со некој друг. Тоа што, вели Боцевски, Димитров досега не сакал да ги кажува имињата на советниците, било негово право. |