Брoj 2711  сабота, 14 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Нафтени шокови и последици

Филип Петровски

Со мало намалување на данокот ќе се помогне да се заштитат бизнисите на фирмите и домашните буџети на македонските граѓани

Цените на бензините вртоглаво растат. По не знам кој пат годинава се случи нивно зголемување. Секое наредно поскапување на нашите пумпи по автоматизам значи намалување на животниот стандард на нашите граѓани. Се' погласни се барањата да се направи нешто од државата на овој план, односно да се интервенира во делот на давачките кои од литар бензин одат во буџетот. Што се случува навистина со цената на нафтата на глобален план? Како ќе се развиваат работите во иднина и што можеме да очекуваме навистина од овие ценовни шокови? Треба да се има некаква можност сето ова што надоаѓа како лавина да го предвидиме и да се подготвиме...

Кога се проучуваат графиконите кои покажуваат како растела цената на нафтата за барел, интересно е да се види дека имало периоди кога навистина зголемувањето било брзо и интензивно. Но, имало и периоди кога цената се намалувала. На пример, цената за барел речиси е идентична во периодот на средината на седумдесеттите и потоа во текот на целата осма декада на минатиот век, како и до половината на деветтата. Практично, околу 25 години. Во споменатиот период цената на нафтата за барел осцилирала, одела горе и долу, но на крајот на денот била со некаква слична вредност.



Ситуацијата драматично се менува од крајот на деведесеттите. Во 1999 барелот чини напати и под дваесет долари барел. Потоа започнува да расне. Некои аналитичари велат дека растот се должи на слабиот долар, некои сметаат дека на тој начин се балансира намалувањето на вредноста на црното злато во однос на инфлацијата, додека трети сметаат дека цената се формира исклучиво врз принципот на понудата и побарувачката. Исто така, како фактори што влијаат врз наглото зголемување на цената се наведуваат и политичките и геостратегиски нарушувања во процесот на вадењето и доставувањето до корисниците низ светот. Навистина ова се моменти со кои треба да се смета сериозно кога се бара одговорот на што се должи брзиот раст на цената. Согласно со пресметаната инфлација и сите околности поврзани со вредноста на доларот, цената на барелот би требало да биде најмногу 100 долари. До овој пред неколку години незамислив плафон се приближивме и го надминавме во почетокот на година��а. Тоа претставуваше петкратно зголемување на цената на нафтата само за осум години. Дури и ако ги префатиме сите наброени мислења за порастот на цената, останува загриженоста дека не е возможно да се следи овој раст со никакво зголемување на платите или, пак, создавање нова вредност.

Пробивањето на психолошката бариера од 100 долари се очекуваше да предизвика стабилизирање на цената за подолго време. Навистина оваа цена остава без здив. Но, се случи токму обратното. Цената продолжи да расте вртоглаво соборувајќи рекорди без малку секојдневно. Деновиве достигнува неверојатни 140 долари барел. Во оваа ситуација нормално е да се постави прашањето, ако предвидувањата за горна граница од 100 долари беа погрешни, тогаш која цена треба да се очекува? Она што се најавува е застрашувачко за целиот свет. Надградените предвидувања сега гледаат 250 долари за барел во наредната година. Тоа ќе биде стопроцентно покачување во рамките на една година, но гледано низ перспективата на последната деценија ќе значи покачување на цената за неверојатни 1.200 проценти.



Расположливите информации укажуваат дека САД, кои до неодамна беа најголеми потрошувачи, веќе не се наоѓаат на првото место во светот. Брзорастечките азиски економии Индија и Кина трошат најмногу нафта, со најави за понатамошно зголемување на потрошувачката. Истовремено, наспроти постојаното зголемување на побарувачката на светско ниво, опаѓа понудата. Ова е секако еден од најзначајните фактори кои укажуваат дека цената ќе расте. Имено, се текот на времето се намалуваат нафтените извори и можноста за нивно експлоатирање. Резервите кои моментно преостануваат на располагање се се' потешки за црпење и процесот на вадењето на нафтата станува се' поскап. Не е познато дали воопшто е можно овие две компоненти да воспостават еквилибриум кој ќе биде во корист на потрошувачите и во можност да ги задоволи потребите на човештвото.

Од друга страна, некои аналитичари тврдат дека побарувачката и понудата во никој случај не можат да доведат до олку големо зголемување за олку краток период. Тие сметаат дека во прашање се финансиски шпекулации на оние кои од ова прават огромни профити. Интересен е податокот дека побарувачката што се јавува на светските берзи, според генералниот секретар на ОПЕК, Абдула ал Бадри, ја надминува реалната светска потреба за 15 пати...



Македонија во овој период е пред сериозна крстосница. Значајно ќе биде да се дадат одговори каде одиме кога е во прашање енергетската стратегија. Таа веќе се одразува врз бизнисите и конкурентноста на пазарот. Додека низ цела Европа се случуваат жестоки протести на превозниците, во кои има и човечки жртви, кај нас се најавуваат банкроти и напуштања на превозот. Истовремено, во првиот квартал државата наплатила 32 процента повеќе данок од нафтените деривати. Без ниту едно поскапување до крајот на годината, а ако се задржи наплатата со исто темпо во наредните квартали, тоа ќе значи дека секој од нас до крајот на годината ќе треба да издвои дополнителни 1.000 денари за овие даноци. Познато ми е дека секоја држава тешко се откажува од приливот на средствата. Тоа без малку е дефиниција на државата. Но, во овој случај сметам дека со мало намалување на данокот секако дека ќе се помогне да се заштитат бизнисите на фирмите и домашните буџети на македонските граѓани, а приливот нема да настрада ниту најмалку.

(Авторот е магистер по меѓународна политика)

http://filippetrovski.blog.com.mk


Статијата е прочитана 665 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
За Клинички некој треба да одговара
Претходен број
Зденко
Прегласувањето в недела мора да биде мирно и чесно
Грците ќе го менуваат и името на лезбијките
Охридското Езеро е старо три милиони години
Истрагата за сообраќајката на Тоше, конечно, тргнува од мртва точка
Посматрач кај Нимиц
Нимиц доаѓа на Балканот да ги раздвижи преговорите
Ни ред без доверба ни доверба без ред
Рупел- Изборите ги следиме со големо внимание
Завршија јубилејните „Рацинови средби“
Карикатура
Verbatim