Мислења
Ни ред без доверба ни доверба без ред
Лабина Митевска
Низ пеколната транзиција целосно ја изгубивме довербата, во државата, во институциите, довербата еден кон друг
По мојата преселба во Германија, веќе го започнувам мојот трет месец во оваа голема земја. Претходно многу често сум доаѓала овде, имам работено четири филма во Германија, имам преседено месеци и месеци, но сосема е друга перспективата на посматрање на една земја однатре, од порите преку кои таа живее. Сите знаеме дека Германците се точни, прецизни и дека Германија е земја во која владее редот. Но, јас не сум знаела дека во Германија дадениот зборот е поважен од се'. Договорот се базира на збор, на ветување. Довербата е основен принцип на кој функционираат нештата. Овде граѓаните, пред се', имаат доверба едни кон други, потоа имаат целосна доверба кон институциите и институциите кон нив и, на крај, сите имаат доверба кон својата држава и државата има кон нив. Прекрасно е да се види и осознае од наша перспектива дека се' уште постојат држави каде што довербата функционира и е основен принцип на поредокот. Сигурно и овде може да се најдат лоши примери, но од моето досегашно искуство можам да зборувам во позитива.
При подготовките за селење, една од првите работи што ги направив беше барање стан за изнајмување. Штом дојдов овде, почнав да разгледувам и најдов еден што ми се допадна. Кога отидов да се видам со луѓето што го даваат под наем станот, тие Германци јас Македонка, по краткиот практичен муабет за струјата и гасот и неверојатно високите цени, се договоривме да го земам станот. Моето прво прашање беше кога ќе потпишеме договор. Тие ми рекоа дека нема потреба од договор веднаш, туку за два месеца, кога ќе се вселам. „Ти си заинтересирана за станот, а ние ќе го чуваме за тебе. Ни треба еден месец за да реновираме, да го офарбаме, исчистиме, поправиме. Наша должност е да го предадеме станот целосно чист, како нов и се' да функционира во него“, ми објаснија љубезните Германци. За да се осигурам им нудам депозит, капар, за да бидат и тие и јас сигурни. А тие ме гледаат зачудено. Тамам работа да земат пари однапред, немало проблем, договорот си е договор и си останува. Она што сме си го кажале едни на други тој ден, тоа било договор. Бидејќи некои работи не ми беа докрај јасни, се јавив кај еден пријател, Германец, и му ја објаснив целата ситуацијата. Кога ме сослуша, тој ми рече дека сега него не му е јасно што мене не ми е јасно. Повторно му објаснив дека треба да се вселам во станот за два месеца, а немам ни договор, немам ни оставено депозит и како ќе бидам сигурна дека тие ќе го чуваат станот за мене. Тој ме праша дали сме се договориле да го чуваат. Му потврдив. Штом е така, тогаш станот е твој, биди сигурна во тоа.
Во Македонија досега сум најмувала многу станови и секој пат сум поминувала низ истата тортура: договори, депозити, прикаски за тие претходно како направиле огромни телефонски сметки и исчезнале, секој први точно да се плати, доколку задоцниш и еден ден, газдата веќе ти виси на глава, последната кирија никогаш не ја добиваш назад, бидејќи секогаш изнаоѓаат нешто што, наводно, си расипал во перфектниот најмен стан. А, вистината е дека најголемиот дел од становите што се најмуваат во Скопје се комплетно нефункционални. Штом се вселиш, почнуваат играриите - казанчето да не работи, бојлерот не грее, парното тече, се појавуваат илјада и еден проблем кои доаѓаат заедно со високите кирии.
Не знам германски, а зедов да нарачувам велосипед преку Интернет. Бендисав еден, го пополнив формуларот, им се јавив дополнително по телефон, ама бидејќи тие не зборуваа англиски, ме фати сомнеж дека нешто сум згрешила. Но, немав што да правам, освен да чекам. По една недела, ми се јавија и ми кажаа дека утре доаѓа велосипедот, а јас не сум платила. Му се јавив на пријателот и му реков дека ќе ми го донесат велосипедот, а не сум им платила во банка. Го замолив да им се јави и да провери да не згрешиле. Тој се насмеа и ми рече дека тие имаат доверба дека ќе им платам штом ќе го добијам велосипедот. И така беше.
По еден месец од мојот престој тука, ми се јави еден мој познат, нов колега, исто така штотуку доселен тука од друг дел од Германија. Ми кажа дека требал да патува, но се' уште не средил со платата и не ја префрлил банковната сметка во новиот град, па ми побара на заем сто и педесет евра. Јас како од пушка велам - да. Му дадов на човекот пари, тој се заблагодари и ми рече дека за два дена ќе ги врати. Почнав да си мислам, многу чудно, Германецов не го познавам доволно, ми побара пари на заем, а не сум сигурна дали ќе ми ги врати. Додека стигнав дома, веќе се имав простено со парите и си реков нека ми е ова за памет, не се зајмува тукутака секому, зарем тоа не си го научила досега. Повторно му се јавив на мојот пријател Германец. Повторно не му беше јасно што не ми е јасно мене тука. Ми вели, па колега ти е, се нашол во таква ситуација, не грижи се, договор си е договор. По два дена, навистина мојот колега со насмевка на лицето и голема благодарност за помошта што му ја дадов кога беше во зорт, ми ги врати зајмените пари. Па, пак си се присетив на Македонија. Веќе сме станати толку отуѓени што и да немаш, најдобро ти е да не зајмуваш, бидејќи не дај боже ако треба да зајмиш. Ем ти е непријатно, незгодно, си ја наведнуваш главата, си го губиш достоинството си го загрозуваш пријателството или роднинството.
И навистина уште илјада вакви ситуации ми се случија во овие три месеци, ситуации во кои гледаш и сфаќаш дека оваа држава се градела на доверба. Во секаква смисла, ама баш во секаква, довербата е главен столб на ова општество. Па, и кога подлабински ќе размислиш, навистина нема ништо посвето, нема ништо подрагоцено од доверба еден кон друг. Кај нас низ тој пеколен транзициски период целосно ја изгубивме довербата во општеството, во државата, во институциите, во системот, довербата еден кон друг. Нема доверба. А и како би имале кога веќе осумнаесет години гледаме систем што колабира, гледаме банки што се затвораат, граѓаните губат, некој профитира, па ни договори, ни судови не можат да помогнат. Сведоци сме на граѓани кои купиле станови, дале пари, потпишале договори, а становите не се нивни, се' им пропаднало. Гледаме се' и сешто овие години, а најмногу искривени вредности. Успехот се мери само со пари, макар и да се украдени, да се подмачкани со мито, со лаги, натопени со туѓа пот, дури и со крв, не е важно. Довербата е целосно изгубена и тешко ќе се врати, а без неа ќе живееме во мрачно општество уште многу години.
(Авторката е актерка и продуцентка) |