Уште една зграда за социјалци во Штип
Откупот на општествените станови можност за изградба на нови
Иван Бојаџиски
ШТИП - Во Штип и во Пробиштип 247 семејства имаат можност до крајот на годинава, под исклучително поволни услови, да ги откупат општествените станови во кои живеат. Анализите на надлежните институции покажале дека над 80 проценти од становите ќе бидат откупени. Со парите од откупот ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор ќе изгради уште една зграда за социјално ранливи категории граѓани во Штип.
Според Власта Панева, директорка на Подрачната единица во Штип, половина од општествените станови за кои граѓаните поседуваат станарско право се во Штип, а другата половина во рударското гратче Пробиштип.
„Луѓето се раздвижија и се обидуваат да ги комплетираат потребните документи за откупување на становите. Ако станот биде платен во готово, попустот е 70 проценти, ако откупот е на четириесет години, тогаш месечната рата ќе биде еднаква на закупнината која сега се плаќа. Оние што ќе останат да живеат во становите ќе имаат обврска за склучување договор за закуп по што ќе го загубат станарското право. Во таков случај тие ќе плаќаат економска кирија, која ќе биде повисока од сегашната“, објаснува Панева.
Инаку, во Штип привршува изградбата на нова станбена зграда наменета за социјални случаи, чиј инвеститор е Министерството за транспорт и врски. „Објектот има 91 стан, а ќе биде вселен во јуни идната година. Становите се по 40 квадратни метри и се наменети за деца без родители, самохрани родители... Тие категории се јасно дефинирани во новиот Закон за домување. Штип е голем град и очекуваме голема навалица за овие станови“, додава директорката Панева.
Според нашата соговорничка во Министерството за транспорт и врски веќе се планирала изградба на уште една зграда за граѓаните кои немаат можност сами да го решат станбеното прашање. Панева укажува дека во Штип има и многу родители оставени од сопствените деца сами да се снаоѓаат во животот, а тие имаат големи проблеми, посебно во домувањето. Оттаму потребата од финансирање на изградбата на најмалку уште една зграда за социјалци. |