Заразените од ХИВ вирус мака мачат за помош
Инфицираните лица со ХИВ во земјава имаат проблем да добијат социјална помош. Тие се' уште се осудени на дискриминација и одбегнување како од семејствата, така и од околината во која живеат. Проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата што живеат со сида, во форма на писмена изјава, ги изнесе Елизабета Божиновска од Здружението на граѓани ХЕРА, кои го поздравуваат донесувањето на Законот против дискриминација. Во нивно име, ХЕРА бара редовно снабдување со антиретровирусна терапија, вметнување на ХИВ позитивниот статус како посебна основа за добивање социјална помош или друг вид паричен надомест, и при секое доброволно и доверливо тестирање за ХИВ да се бара писмена согласност од лицето.
Главни превентивни мерки за спречување на ширењето на ХИВ-инфекција, за Милена Стевановиќ, национален координатор за ХИВ/СИДА, е навременото дијагностицирање на ХИВ-инфекцијата, како и навременото започнување со антиретровирусниот третман.
„Од 12 случаи со ХИВ/СИДА регистрирани оваа година, четири се доцна откриени. Секое прекинување или задоцнување на терапијата е ризик за здравјето на ХИВ-пациентот“, истакна Стевановиќ.
Министерот за здравство, Бујар Османи, вети дека од идната година државата ќе ги покрива трошоците за антиретровирусен третман, а се почнати и процедурите за набавка на лековите. Во рамките на програмата за сида, сите пациенти што имаат потреба редовно ќе се лекуваат со антивирусна терапија.
Но, Дијадра Бојд, постојана претставничка на ОН, рече дека ни најсовремените лекови против ХИВ не можат да ја излекуваат стигматизацијата, дискриминацијата и омразата кон луѓето носители на вирусот. Таа укажа дека Законот за антидискриминација треба да содржи рамка за заштита од секој вид дискриминација. (Ј.Ј.) |