Обезглавен судот во Гостивар
ГОСТИВАР - Претседателот на Основниот суд во Гостивар, Кристе Николоски, како што дознаваме неофицијално, во четвртокот во Републичкиот судски совет поднел писмена оставка и од функцијата претседател и од судија. Ваквата информација ја потврдуваат во Републичкиот судски совет, меѓутоа нема образложение за причините за ваквата одлука. Информацијата ни ја потврдија и неколку судии на Основниот суд во Гостивар, кои се изненадени од случувањата, но потврдуваат дека Николоски веќе неколку дена не доаѓал на работното место во судот. Во текот на вчерашниот ден неколку пати се обидовме телефонски да контактираме со претседателот Кристе Николоски, за да ги дознаеме причините за поднесената оставка, но нашите обиди беа безуспешни.
Се обидовме да контактираме и со заменик-претседателот на Основниот суд Гостивар, Себаедин Даути, но ни беше кажано дека, наводно, утрината заминал во Републичкиот судски совет во Скопје за да добие решение со кое се назначува за в.д. претседател на Основниот суд Гостивар. До затворањето на весникот, ваквата информација не можевме да ја потврдиме.
Републичкиот судски совет неодамна од судија и заменик-претседател на Основниот суд Гостивар го разреши судијата Мемед Алиу, го суспендира судијата Мишко Дамјановски, а некои судии по извршената инспекција на Републичкиот судски совет заработиле тримесечна парична казна.
Основниот суд во Гостивар е обезглавен, а како што дознаваме Републичкиот судски совет презема активности за консолидирање на редовите. Конкурс за претседател на Основниот суд Гостивар ќе биде распишан по завршувањето на претседателските и локалните избори, а деновиве се очекува да биде назначен в.д. претседател, со цел да не трпат редовните активности на судот.
Исто така, и гостиварското Јавно обвинителство малку повеќе од три месеци е без јавен обвинител. Јавниот обвинител Хабил Илјази беше ��збран за заменик- јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Гостивар, а заменикот јавен обвинител Зоран Димовски беше избран за јавен обвинител на Вишото обвинителство во Гостивар. Во Основното јавно обвинителство во Гостивар се останати само тројца обвинители, кои се соочуваат со голем број предмети во оваа значајна правна институција. (К.К.)
|