Судењето на Бајруш Сејди, најверојатно, на 25 март?
Судскиот процес против кумановецот Бајруш Сејди и за други 32 лица обвинети за неколку кривични дела, најверојатно, ќе започне по локалните избори. Како можен датум за старт на судењето се споменува 25 март, иако во овој овој момент никој не сака да ја потврди или да ја демантира оваа непотврдена информација. Она што засега е извесно е дека со овој голем судски процес ќе раководи судски совет на чело со судијката Лидија Неделкова.
Доколку судењето започне кон крајот на овој месец, тоа ќе значи дека Бајруш Сејди и уште триесетина други обвинети ќе навршат пет месеци откако беа притворени во истражниот затвор „Скопје“. Имено, бранителите на обвинетите беа најгласни токму за прашањето на притворот, бидејќи тие тврдеа дека бил пробиен рокот за издржување притвор до поднесување на обвинение, како и тоа дека предметот не содржи вештачење. Јавното обвинителство, пак, го тврдеше токму спротивното, односно дека обвинението е поднесено во законски предвидениот рок и дека тоа се однесува на 33 лица обвинети за кривични дела: злосторничко здружување, повреда на авторско право и на други сродни права, како и за дело од Законот за акцизи.
Обвинителството го подигна актот во почетокот на минатиот месец, а само малку потоа, откако судот не ги прифати паричните гаранции и гаранциите во имот, адвокатите на Бајруш Сејди свикаа прес-конференција на која говореа токму за неправилностите што ја следеле целата кривична постапка. (Љ.С.)
|