Наука
Пронаоѓањето партнер чини две блиски пријателства
Вниманието е целосно фокусирано на романтичните партнери, така што едноставно не се гледате со другите луѓе со кои сте имале многу заеднички нешта претходно
Дали некогаш сте се нашле отфрлен од пријател, кој започнува романса? Не грижете се, веројатно, не сте единствените. Според научниците од Оксфордскиот универзитет, секојпат кога започнуваме врска, отфрламе двајца од нашите најдобри пријатели. Повеќето од нас едноставно немаат д��волно време за блиски пријателства со повеќе од четворица или петмина луѓе, покажува нивното истражување. А интересот за нова љубов води до отфрлање на двајца пријатели од внатрешниот круг.
Професор Робин Данбар, еден од водечките британски експерти за еволутивна биологија, објаснува: „Ако влегувате во романтична врска, цената е двајца пријатели од внатрешното јадро на врските. Наместо вообичаените петмина пријатели, тие имаат само четворица во тој внатрешен круг. Имајќи предвид дека еден од нив е новата личност што влегла во вашиот живот, тоа значи дека треба да се откажете од други двајца“.
Мажите се со тенденција да имаат четворица или петмина блиски пријатели, жените пет или шест, вели професорот Данбар. Сепак, мажите се со иста веројатност да ги отфрлат пријателите во почетокот на нова романтична врска како и жените, покажува студијата спроведена кај луѓе на возраст од 18 до 60 години. „Вниманието е целосно фокусирано на романтичните партнери, така што едноставно не се гледате со другите луѓе со кои претходно сте имале многу заеднички нешта“, истакна професорот на Британскиот фестивал на науката во Бирмингем. „Тие односи почнуваат да се влошуваат“, додаде тој.
Меѓутоа, романсата не е единственото нешто што ги отфрла блиските пријатели, објаснува тој. Деца или купување куче може да има ист ефект. „Можете да имате само пет места за длабоко интензивни и значајни врски. Тие не мора да бидат луѓе. Тие можат да бидат вашето куче или вашата омилена хризантема. Тие можат да бидат луѓе од целосно фиктивен свет или личности од сапунска опера. Тие можат да бидат Господ или можат да бидат светци“, смета професорот.
Мажите собираат пријатели на „Фејсбук“ за да го импресионираат спротивниот пол, додава професор Данбар. Иако повеќето луѓе што користат социјални мрежи немаат повеќе од 130 онлајн-врски, неколкумина тврдат дека имаат до илјада пријатели. Мажите настојуваат да имаат повеќе пријатели отколку жените. Девојките, главно, имаат пријатели од секојдневниот живот, додека момчињата се во еден вид натпревар, кој може да има најмногу пријатели. Така, прифаќањето многу девојки на „Фејсбук“ се чини дека е добро.
|